Иако веќе една и пол година Студентскиот парламент при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (СПУКМ) не е претставничко тело на студентите, секој месец на нивната сметка Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) продолжува да плаќа по околу 500 евра.
Ова го покажуваат податоците на порталот „Отворени финансии“ според кои по стапувањето на сила на новиот Закон за високо образование во мај 2018 година, со кој СПУКМ формално престанува да биде претставничко тело на студентите, на сметката на оваа организација од буџетот на УКИМ се исплатени скоро 10.000 евра, односно 575 илјади денари.
Исплатите се вршат кон крајот на секој месец и изнесуваат околу 36 илјади денари. Последната исплата е регистрирана минатава недела, на 30 јануари, а се плаќало и секој месец од 2019 година.
Последната поголема бројка која е исплатена на СПУКМ е на 19 декември 2018 година кога биле исплатени вкупно 106 илјади денари.
Од Ректоратот на УКИМ побаравме одговори зошто се исплаќаат овие пари и според кој основ, но не добивме никаков одговор.
Инаку, овие исплати се случуваат во период кога на Филозофскиот факултет од студентите се бараат 100 денари за Студентското собрание како задолжителен услов за запишување семестар. Во Законот за високо образование стои дека работата на факултетското студентско собрание се финансира со средства на факултетот, а Универзитетското студентско собрание со средства од Универзитетот, но во законскиот текст нема конкретни детали од кои ставки и колкав износ би се издвојувал за оваа намена.
Со новиот Закон за високо образование се воведе универзитетско студентско собрание како тело на универзитетите во кое членуваат претставници на студентите и со тоа се замени СПУКМ, која функционираше како невладина организација, главно финансирана од средства на УКИМ.
Според податоците достапни на порталот на Министерството за финансии, СПУКМ од 2010 година досега добиле вкупно 42,5 милиони денари, односно нешто под 700 илјади евра.
Даниел Евросимоски