Александар Матовски – Цако, од денеска е ќе биде ангажиран во Одделението за социјална, детска и здравствена заштита на Град Скопје. Градоначалникот Петре Шилегов, на денешната прес-конференција, соопшти дека Цако станува дел од нивниот тим бидејќи неговите познавања за целните групи ќе помогнат во унапредување на социјалните услуги за граѓаните.
„Нашиот нов колега е лице со Даунов синдром, со високо образование, амбициозен и подготвен за предизвици, подготвен да покаже дека лицата со било каква попреченост можат подеднакво да учествуваат во општествените процеси и да се грижат за заедницата. Особено сум горд што како градоначалник учествувам во уривањето на стереотипите и предрасудите поврзани со овие лица бидејќи сметам дека сечиј капацитет може да се искористи и соодветно да придонесе за развој на општеството. Многу често досега, особено во изминативе две години преземаме активности со кои докажуваме дека овој град се грижи за сите свои граѓани без исклучок и подеднакво ги вреднуваме. Во тој контекст, минатата учебна година за прв пат Град Скопје додели парична награда за првенци на генерација од градските средни училишта во категорија за особени постигнувања и резултати во процесот на инклузијаta. Со тоа, на лицата со попречености им овозможуваме еднакви можности за натпревар и признавање на успесите. Исто така за прв пат обезбедивме и стипендии за средношколците со попречености како и образовни асистенти кои им помагаат во наставата. Ваквите чекори покажуваат дека ги препознаваме можностите кај секој човек без разлика дали се соочува со некаква попреченост или не, овозможуваме еднакви шанси за сите и вложуваме за нивен личен и професионален развој“, рече денеска Шилегов.
„Мојата заложба и улогата на Град Скопје за развој и унапредување на инклузивното општество се поддршка за создавање еднакви услови за живот за сите наши сограѓани. Апелирам до сите, да даваме шанса без дискриминација, да се отвориме кон различнoстите и да дозволиме вредноста на секој поединец да биде еднакво третирана и признаена. По некоја случајност, првиот работен ден на Цако е всушност и негов роденден. Цако, среќен роденден и добредојде во Град Скопје“, додаде градоначалникот на Град Скопје.
Матовски веќе шеста сезона ја води својата емисија „Јас сум Цако“ на Радио МОФ. Последната епизода можете да ја слушнете на следниов линк: