Македонскиот студент Виктор Ивановски добитник на престижната „Annie“ награда за анимиран филм

Виктор Ивановски, студент по анимација на Шеридан Колеџ во Канада, со анимираниот филм „Лисицата и гулабот“ (The Fox and The Pigeon), ја освои престижната „Annie“ награда за најдобар студентски анимиран филм, на 47-то издание на манифестацијата „Annie awards“ во Лос Анџелес.

Ивановски е ко-режисер, композитор и интерпретатор на музиката во анимираниот филм, а наградата ја доби заедно со уште десет студенти кои работеле на реализација на филмот.

Тој е и првиот Македонец што ја освоил оваа престижна светска награда за анимација.

Ивановски е студент на четврта година на канадскиот Шеридан Колеџ, кој важи за еден од најдобрите факултети во светот на полето на анимација.

„Annie“ наградите се доделуваат од 1972 од страна на „ASIFA-Hollywood“, подружница на Меѓународнaта асоцијација на анимирани филмови во Лос Анџелес.

За најдобар анимиран филм годинава беше прогласен „Клаус“, најдобар „инди“ филм е „Го изгубив моето тело“, додека „Боџак Хорсмен“ ја освои наградата за најдобар телевизиски анимиран филм за општа публика.