„Кој вели дека векот на електроника, атомски аксцелератори, космички брзини, кибернетика е век – на грубост? Ова е век на нежност. Како што сите векови се векови на нежност, додека трае човекот. Впрочем, младите сакаат нежност – без разлика дали е тоа ‘електрична’ или хавајска гитара, или лет на Месечината…“.
Записот од интервјуто на „Нова Македонија“ од 1967 година со гевгеличанецот Илија Џаџев, дава романтичарски и хуманистички осврт за солистот на хавајска гитара, човек далеку пред своето време, со културна мисија да свири над 6.000 концерти на сите меридијани. И тоа да го прави бесплатно! Без материјален надомест да музицира пред затвореници, претседатели, просјаци, рудари, деца во градинка, студенти во менза, работници во поле. Да ги заменува концертните сали со родилишта, гробишта, пензионерски домови, селски простори, возови, како и плоштади на големи светски метрополи.
Илија Џаџев е во фокус во документарецот „Професорот“ (The Professor), новиот филм што беше прикажан на затворена проекција во кино „Фросина“ во МКЦ. Документарецот е во режија на Јордан Дуков, самиот гевгеличанец, локално и емотивно поврзан со т.н. „хаваец“.
За него раскажува дека првата „средба“ била на посмртна поворка, каде луѓето напред носеле – гитара.
Токму хавајската гитара на Џаџев ја има насекаде низ филмот. Патува од место во место. Од Скопје, Белград, Риека, Гевгелија до Дојран. Од човек до човек. Од меморија до меморија за поетот, боемот, велосипедистот, љубовникот и професор по географија.
Дуков и екипата сакаат да раскажат за широчината на Џаџев. Алтруизмот и неповторливиот дух на Џаџев да го постават на пиедестал, истовремено да го нурнат гледачот низ медиумски архиви и страници поезија. Филмската екипа „буричка“ низ документи и локации. Низ историја и носталгија. Во потрагата го вклучуваат и белградскиот актер со гевгелиско потекло Иван Бекјарев, кому Илија му е вујко.
Заедно истражуваат за остатоците на еден од романите на „хаваецот“, трагајќи по човек кој ќе засвири на инструментот на Џаџев.
Ова е филмска мисија за документирање на таа културна мисија. Приказна за авантурата на музичарот што бил радосна вест на југословенските телевизии, и што бил прилично едуциран, доаѓајќи од семејство со татко што зборел 11 јазици.
Вредноста на „Професорот“ е во оригиналниот живот и поетичните замисли за светот на Џаџев. Да шири музика, да биде оригинално чуден и, меѓу другото… да плива во Дојран во јануари, а Вардар во февруари!
Филмот не се обидува премногу да демистифицира зошто го правел тоа, туку, едноставно, дека го правел тоа. Можеби тоа е една од работите што недостасуваат во документарецот, а се намерно изоставени. За да се трага и воспева неговата симпатична „жичка“ и култивираност, хуманистичката непосредност со луѓето, а не внатрешните пориви на Џаџев.
Директорите на фотографија Доријан Миловановиќ и Кристијан Караџовски, и монтажерот Миловановиќ, не експериментираат многу со кадри. Камерата традиционално и патеписно локализира улици, пејсажи и урбани градови. Камерата е тука, во погледот на луѓето, во нивните емоции, гестикулации кога зборуваат за Џаџев.
Идејата е да се „собере“ емоцијата од соговорниците. Тие повторно доживуваат случки, се присетуваат, се симнуваат по скалила низ историјата додека се интервјуирани, а, од друга страна, кај нараторот-режисер емоцијата оди во иста линија. Како воз што попатно застанува од станица до станица.
Музиката што провејува низ „Професорот“ е од самиот Џаџев. Продуцент e Љубиша Арсиќ, истражувач – Жарко Настоски, како аниматор се јавува Крсте Господиновски, а дизајнот на звук е на Слободан Трајкоски. Документарецот е во продукција на „Кадар“, „Машина продукција“, поддржан од Агенција за филм, МРТ и Општина Гевгелија.
Вкупно гледано, се работи за документарен филм што се обидува да го донесе уметничкиот подвиг и оригиналниот живот на Џаџев до пошироката публика. За луѓето што не го знаат – да го дознаат. А, оние што го знаат – да дознаат уште повеќе, бидејќи ова е национален уметнички белег, културно наследство. Филмот приземно се обидува Џаџев да остане во државната културна меморија, бидејќи архивите и луѓето често „испаруваат“. Како што е непознато дека Столе Попов своевремено правел дипломски филм за Џаџев.
Времето ќе покаже како младата генерација би се поврзала со „Професорот“.
Сега, филмот го чека фестивалски живот. Потоа треба да има телевизиска премиера на МТВ. Да го проследат повеќе очи и уши. Да дознаат за поезијата, афоризмите, за стотиците концерти на Илија Џаџев, дека тој е боем, но не пиел алкохол. Традиционалните резонирања не можат да поврзат боемштина без чашка алкохол во рака. Епа, Џаџев имал чашка, но само наздравувал и ја враќал на маса.
Затоа по филмот, луѓето што го проследија „Професорот“, застанати крај МКЦ, се напија по некоја чашка за „хаваецот“.
Бојан Шашевски