„Светот оди напред, ние во ПМ10“, „Преку маска дишиме, дајте чист воздух“, беа дел од пораките на денешниот заеднички протест на активистите од Здружението „Здрава котлина“ и средношколци во Струмица.
Од протестот на главниот плоштад „Гоце Делчев“, активистите поставија седум барања, меѓу кои и носење на закон со кој се регулираат емисиите кои потекнуваат од индустријата. Потоа, поставување на шест нови автоматски мерни станици и три мобилни мерни станици за триангулација на загадувачи. како и организирање на јавна трибина во Струмица, Босилово, Ново Село и Василево со тема загадување и активни мерки.
Средношколците, пак, повикаа на реформи во образованието. Помалку часови, замена на старите учебници и платена пракса беа дел од нивните барања.
Пред почетокот на протестот, од „Здрава Котлина“ информираа за реакции од ученици дека директорот на средното училиште „Димитар Влахов“ ги заклучил вратите и со закани не им дозволил на учениците да излезат. Од Здружението апелираа до сите директори да не им го ускратуваат уставното право на мирен протест, и како што велат, да размислат што прават.
Радио МОФ стапи во контакт со директорот на средното училиште „Димитар Влахов“ Димитар Ѓорѓев, кој накратко ги негираше овие тврдења.
Фото: Синдикатот