Велосипедската иницијатива НаТочак вели дека треба задолжително да се пропишат мерки за одржлива мобилност и безбедност во сообраќајот во сите урбанистистички планови.
Ова, велат тие, бил еден од шестте предлози за измена на Законот за урбанистичко планирање, од кои само два биле делумно прифатени. Меѓу прифатените е предлогот да се отвори процесот на донесување ГУП за јавноста, а меѓу делумно прифатените е токму овој предлог, за мерките за одржлива мобилност и безбедност во сообраќајот.
Тие ја објаснуваат суштината на предлогот и делот кој, вело-активистите, чудно е што не е прифатен.
Во продолжение во го пренесуваме целото соопштение-анализа на НаТочак:
1️.ЗОШТО ВАКВИ МЕРКИ ВО УРБАНИСТИЧКИТЕ ПЛАНОВИ?
Имајќи предвид дека безбедноста на животите на луѓето во сообраќајот е просторно и физички условена, должност е на планирањето да води сметка за неа.
Исто така, имајќи предвид дека културата на мобилност во едно место се создава најмногу преку обезбедување соодветни инфраструктурни услови, а не преку кампањи, должност е на сите планери и сообраќајни инженери да обезбедат услови за пешачење, возење велосипед и користење јавен превоз, во насока на целите за поголема одржливост, јавен интерес во планирањето, справување со климатските промени, здрава и чиста животна средина.
Плановите од сите нивоа, во рамки на опсегот на својата работа мора да обезбедат мерки за поттикнување на одржливиот транспорт и мерки за безбедност во сообраќајот.
Во плановите иако таа вредност, тоа начело на автоцентричност не е никаде запишано во претходните законски и подзаконски решенија, се оди како по некаква инерција и со автоцентрични вредности: да се обезбедат што подобри услови за брзо возење и тоа на што повеќе автомобили.
Транспортот не се гледа како целина, како систем кој може да се моделира и притоа да се обезбедува успешна мобилност на луѓето и добрата на различни начини од кои одредени начини на превоз треба да се поттикнуваат, а други да се обесхрабруваат. Напротив, транспортот се гледа како некаква зададеност (од виши сили), дека мора да се обезбедуваат услови за растечкиот број возила, без притоа да се обезбедат ниту основни услови за пешачење, возење велосипед и јавен превоз, наместо да се гледа како поле каде треба да се направи визија и план кои ќе го насочат транспортот во одржлива насока.
Мерките кои планирањето треба да ги обезбеди за одржлива мобилност и безбедност во сообраќајот не смеат да се сведат на празни флоскули, туку мора соодветно да се презентираат во плановите:
-во планираните профили на улиците (распределбата на просторот на различни начини на превоз и нивната удобност, широчината на лентите, обезбедувањето на зеленило за пешачките и велосипедските патеки итн),
-во намалување на широчините на лентите за автомобили и на радиусите на свртување;
-во општите и посебни услови за изградба на сообраќајници во опфатот (да се бара да мора да предвидат во инфраструктурните проекти мерки за смирување на сообраќајот),
-во општите и посебни услови за парцелите (да се обезбеди паркинг за велосипеди, не само за автомобили),
-во предвидувањето патни диети,
-во предвидувањето пешачки и велосипедски патеки и надвор од стандардните улици (т.е. преку зголемување на опциите за пешачење и користење велосипед споредено со автомобилот),
-повеќе пешачки и велосипедски мостови итн.
Стварноста која ја живееме не е зададена сама по себе, таа е резултат на многу правила и нивно спроведување и неспроведување.
2.ЗА ОПФАТОТ НА МЕРКИТЕ ИЛИ ЗОШТО САМО ГРАДОВИТЕ ЗАСЛУЖУВААТ БЕЗБЕДНОСТ ВО СООБРАЌАЈОТ?!
Драго ни е што МЕРКИТЕ ЗА ОДРЖЛИВА МОБИЛНОСТ И БЕЗБЕДНОСТ ВО СООБРАЌАЈОТ отсега натаму станаа задолжителен дел од документацијата на Генералниот урбанистички план, Деталниот урбанистички план, но не и кај Урбанистички план за село, Урбанистички план за вон населено место и Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење. Па на овие места со поретка населеност безбедноста е уште погорливо прашање!
Дали луѓето во селата не заслужуваат да имаат пристојни тротоари?
Зошто регионалните патишта кога ќе влезат во населено место село продолжуваат со истиот дизајн на регионален пат, иако на него излегуваат директно куќи и училишта? Дали знаете дека со моменталната регулатива тие не можат легално да си изградат тротоари и да го смират сообраќајот со подигнувања и стеснувања?
Знаете ли дека огромен дел од жртвите во државава се токму на такви патишта?
Таков беше случајот со Кико, со Ненад, со многу други чии имиња ги знаеме и не ги знаеме.
Оттаму неразбирлива ни е кусогледоста на пратениците во поглед на овој предлог. Само луѓето во град заслужуваат одржлива мобилност и безбедност во сообраќајот?
Очекуваме овој голем пропуст во прва прилика да се поправи.