За 2020 не е планирана гасификација/промена на начиниот на греење во редица здравствени и образовни установи, јавни претпријатија, како на пример во Институтот по белодробни заболувања кај децата во Козле, Институтот за физикална медицина и рехабилитација во Капиштец,Болницата за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Ѓорче Петров, Психијатриската болница во Бардовци, средните училишта во Ѓорче Петров и Шуто Оризари, за ЈП „Македонија пат”- Скопје, ЈСП…“, реагираат од од О2 Иницијатива.
Еко-активистите велат дека Министерството за здравство во 2020 планира единствено гасен приклучок и гасна котлара за општата болница Куманово, проект што требаше да е готов во 2019.
„Но, болницата си испланирала набавка на мазут во септември, очигледно поучена од минатогодишните ветувања, останати без реализација“, велат од О2 Иницијатива.
Според еко-активистите, прелажувања и оваа година нема да поминат.
„Фалбите за процесот на гасификација не престануваат, Скопје има гас веќе 22 години, ама болниците и другите установи во Скопје си остануваат на мазут и нафта. Недозволиво! После сите ветувања за промена на начинот на греење“, се вели во реакцијата на О2 Иницијатива, кои објавија и документи.