На 30 мај 2013 (четврток) со почеток во 13:00 часот, во големата конференциска сала на хотел Оаза – Штип се одржа јавна трибина со наслов „Евтини студентски приказни”. Трибината беше во организација на Младински образовен форум (МОФ) од Скопје во соработка со Фондацијата за равој на лoкaлната заедница (ФРЛЗ) – Штип во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество. Една од главните цели на трибината беше покренување на прашањето за функционалноста на формите на студентско организирање и претставување во Република Македонија, активностите кои ги реализираат студентските претставници и нивната ангажираност во заштитата и афирмирањето на правата и интересите на студентите.
Фокусот на дискусијата беше насочен кон моменталната состојба во студентското организирање на Универзитетот Гоце Делчев (УГД) – Штип, како и за можностите за реформи во системот на студентско претставување. Во својство на панелисти на трибината, на присутните им се обратија Мартин Алексоски – претставник од МОФ, Маријана Ангелова – претставник од ФРЛЗ – Штип, Игор Костов -претставник од ЕХО – локален студентски медиум, а и покрај тоа што го потврди своето присуство на трибината не се појави претставник од Студентскиот парламент на УГД (СПУГД). Во своите излагања панелистите ги споделија своите искуства со студентското организирање, начинот на избор и функционирање на студентските претставници. Беа коментирани наодите од истражувањата на тема студентско организирање и резултатите добиени како продукт на истражувањето. Како проблем се посочи незаинтересираноста на студентите за учество во вонкурикуларни активности, меѓудругото и во работата на СПУГД. Претставникот на ЕХО се осврна на соработката со студентските претставници и нивната заинтересираност за поддршка за студентските медиуми и иницијативи.
Претставникот од МОФ укажа на нетранспарентноста во работата на студентските претставници, особено во поглед на финансиите и начинот на кој се трошат средствата кои можат да бидат многу попродуктивно искористени. Беше дискутирана и легалноста на принудно наплаќање и членување во студентските парламенти, проблем со кој се соочуваат студентите на УГД. Како проблематично во системот на студентско организирање се посочи фактот што матичните парламенти моментално се управувани од В.Д. претседатели, како резултат на неспроведени избори за студентски претставници, кои би го имале легитимитетот да ги претставуваат и одлучуваат во име на студентите на УГД.
Како можни предизвици, понатаму беа дефинирани потребата да се издејствува независност на студентските претставнички тела од факултетската управа и администрација. Претставникот од ФРЛЗ изјави „Сè додека интересот на студентскиот парламент е насочен кон импресијата која ќе ја остави кај ректорската управа, нема да имаме успешно студентско организирање. Наместо таквата поставеност, би било фино малку да се посветат на импресијата која ја оставаат кај студентите, и да ги застапуваат правата и ставовите на истите пред ректорската управа.“
Посебно место во дискусијата зазема и самата публика, која доби можност да ги образложи нејзините ставови, да ги коментира активностите на студентските претставници на УГД – Штип, начинот на работа на матичните парламенти по факултетите, како и да постави прашања во поглед на остварувањето на своите права и реализацијата на студентски иницијативи.
Студентски правобранител како механизам за заштита на правата на студентите, според коментарите на публиката не постои на УГД.
На настанот беше прикажан и првиот документарен филм за студентското организирање во Македонија насловен „Студентите за плурализам“, а настанот го посетија студенти, студентски активисти, како и претставници на локални медиуми.