Стрмоглав пад на бројот на превезени патници е забележан во 2019 година кај меѓуградскиот автобуски превоз, пишува Мета. Во изминатите 12 месеци биле превезени само 5.827.000 патници, односно за 2 милиони патници помалку во споредба со 2018 година. Како што покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, превозот со автобуси меѓу градовите за само осум години изгубил дури 10 милиони патници.
Меѓуградскиот автобуски превоз лани имаше неславна година, со најтешката сообраќајна несреќа во која учествувал автобус во поновата македонска историја. Минатиот февруари, во близина на селото Ласкарци при излетување на автобус на компанијата „Дурмо турс“ загинаа 16 патници, а 35 лица беа потешко повредени. Веднаш по несреќата, медиумите беа преплавени со новинарски стории за староста на автобусите што превезуваат патници меѓу градовите, како и за претовареноста на некои автобуси и за други недостатоци кај овој вид транспорт.
Покрај минатогодишната несреќа, од година во година расте и бројот на граѓани што споделуваат автомобил при своите патувања во другите градови. На „Фејсбук“ постојат затворени групи, кои, на пример, нудат превоз со автомобил меѓу Битола и Скопје. Само две затворени групи на „Фејсбук“ од Велес имаат над 10.000 членови, чија примарна цел е споделување информации за понуда или побарувачка на слободни места за патување со автомобил меѓу Велес и главниот град.
За истакнување е и негативниот подем на дивите таксисти во градовите, кои во изминативе години сообраќаат не само во градските средини, туку собираат патници од пред автобуските станици и за меѓуградски превоз. Дивите таксисти им нудат превоз на граѓаните по идентична цена како и автобуските карти, со таа разлика што не плаќаат данок и други давачки кон државата.
Покрај стрмоглавиот пад во меѓуградскиот автобуски превоз, автотранспортните претпријатија од земјава лани превезле помалку патници и на меѓународните линии. Статистичките податоци покажуваат дека со меѓународниот автобуски превоз во 2019 година патувале само 644.000 патници.