Трето издание „Rails Girls“ – работилница за девојки заинтересирани за програмирање и веб технологии

Работилницата „Rails Girls“  ќе се одржи на 10 и 11 април во просториите на „Web Factory“, а се фокусира на девојките заинтересирани за програмирање и развојот на веб технологиите. Настанот е бесплатен, а учесничките треба да имаат основно познавање од работа со компјутер и сопствен лаптоп.

Ова е трето издание на „Rails Girls“ во Македонија, велат организаторите. Првата работилница била одржана во 2014 година, додека втората се одржала минатата година и била менторирана од 15  програмери од различни ИТ компании во Македонија.

И оваа година, пријавените ќе учат основи на sketching, prototyping, базично програмирање и ќе бидат воведени во светот на технологијата. Ќе се актуелизира „Ruby on Rails“ како глобално значајна технологија во development светот.

„„RoR“ е применета технологија на светско ниво, а на неа се базираат веб апликациите како „GitHub“, „Airbnb“, „Basecamp“, „Apple“, „Slideshare“, „Bloomberg“, „Dribble“, „Groupon“, „Hulu“, „Kickstarter“, „Zendesk“, „Crunchbase“, „Goodreads“, „YellowPages“ и многу други софтверски решенија“, вели Михајло Штерјов, еден од организаторите.

Организацискиот тим на „Rails Girls Skopje 2020“

Тој додава дека ова е непрофитна глобална иницијатива чија цел е да обезбеди алатки и заедница на девојки заинтересирани за програмирање и развој на нивните идеи.

Ивана Спасова, која е дел од организацискиот тим, вели дека е од особена важност да се актуелизираат и организираат вакви работилници бидејќи живеењето во ера на дигитализација, ја прави ИТ едукацијата многу важен чекор напред во промена на размислувањата, придонесувајќи за демократизација на технологијата.

„Минатата работилница го поканивме деканот на ФИНКИ, г-дин Иван Чорбев, за да ни сподели статистики за бројот на запишани студенти и студентки на овој факултет кој произведува едни од најконкурентните профили на пазарот на труд во овој период. Дознавме дека помалку од 30% од запишаните студенти на додипломски студии се девојки, а во пракса, уште помал е процентот на девојки кои ја продолжуваат својата кариера во ова поле. Токму затоа, важни ни се вакви работилници и настани, кои ќе бидат значаен тригер за да охрабрат и мотивираат што повеќе девојки од нашата земја“, вели Спасова.

„Rails Girls“ не е обична работилница, повеќе е можност и влезна точка во програмирање и „web development“.

Организаторите велат дека ова е одличен настан за сите оние кои се заинтересирани за програмирање но, не знаат од каде да почнат, работат во IT компанија, но сакаат да комуницираат поефективно кога станува збор за програмирање, сакаат да се запознаат со „Rails“ како нова технологија или пак имаат потреба од менторство за да добијат поголема самодоверба при изработка на апликација.

Аплицирањето за ментори е отворено, а сите заинтересирани за оваа работилница можат да се пријават за учесници.

„Rails Girls Skopje“ може да ги следите и на Twitter, Facebook, Instagram.