[Интервју] Алина Афлекaирол, Greenpeace: Родителите да не бидат себични, туку сојузници на Fridays for future

„Моето барање до родителите е да не бидат себични. Да, можеби сте го проживеале половина од вашиот живот. Имате ресурси, фина клима. Но, мислете што би оставиле за следните генерации, вашите деца?! Не чекајте само на владата. Важно е родителите да бидат сојузници. Да дадат поддршка. Бидејќи децата од Fridays for future не пропуштаат часови само да бидат ‘кул’, како дел од глобално движење. Не! Тие се оние што ќе страдаат! Или ќе доживееме да го видиме тоа страдање, или нема да го видиме. Ве молам, не бидете себични! Погледнете преку прозорецот, видете ги 15-те степени во февруари! Иднината нема да изгледа исто како што вие сте живееле досега“, вели Алина Афлекаилор од „Greenpeace Romania“ во разговор за Радио МОФ.

Алина е активист, едукатор за човекови права во последните 10 години. Живее во Романија, а го претставува „Greenpeace“ за Источна и Централна Европа. Таа беше еден од говорниците на ENGAGE, конференцијата за социјален активизам во Младинскиот културен центар во Скопје.

Позитивно лута, со микрофон во рака, пред аудиториумот пушти видео со млади луѓе како зборуваат за климатските промени. Како ваквите промени стануваат дел од културата, па, затоа, бараат правда и солидарност.

Младите потсетуваат дека има земји што се’ уште се потпираат на јаглен. Дека се потребни обични луѓе да прават необични работи. Дека милиони луѓе живеат гладни, болни, несигурни, а демократскиот простор се смалува од популистички движења.

„Она што се случуваше во последните три години е дека, со смалување на демократскиот простор, ‘Greenpeace’ сфати дека не може да се бори за животната средина без демократски контекст. Демократијата е најчистата средина. Една од нашите цели е да го префрлиме фокусот од донесувачите на одлуки на луѓето. Сакаме повеќе луѓе да ни се придружат. Да се почувствуваат инспирирани, моќни и ангажирани“, објасни активистката.

Со Алина застанавме да позборувавме по нејзиниот говор. Со телефон ја снимав во долната сала во МКЦ. Токму на неколку метри каде стои статуата „Малиот принц“, илустрација на постојаното истражување на планетата наречена МКЦ и континуираното балансирање меѓу световите на возрасните и оние кои никогаш не сакаат да „пораснат“, туку да останат таму – ангажирани и култивирани.

Ова не го пишувам за џабе.

Бидејќи Алина некои ја знаат како „мама активист“. Постојано меѓу млади, за млади. Таквиот епитет, вели таа, и останал по работата и активностите со повеќе движења, меѓу кои и Fridays for future. „Мама активист“ сега пишуваше и на нејзината блуза.

Токму младите ги охрабрува да преземаат акции, како дел од граѓанското општество, кое не треба да се подразбира единствено низ призма на невладини организации.

Алина Афлекаилор во МКЦ

Како младите да реагираат за проблемите во заедницата? Преку социјални медиуми, преку протести, организации, преку уметност? Кои се алатките за младинска акција?

АА: Читајте, читајте, читајте, колку повеќе можете! Потпирајте се на наука, тоа е најважно. Останате информирани, за да имате моќ да ги информирате останатите. И, веќе споменавте протести, петиции, такви работи… Но, морате да останете информирани. И, поставувајте прашања, најмногу што можете! Имате граѓански организации, научници, наставници, така? Одете до нив и сервирајте им ги прашањата што ве мачат. Пример, што се случува со климатската итност. Одете и прашајте!

Во едно интервју, рековте дека се’ е меѓусебно поврзано. И не може да постои едно без друго. Односно, нема климатска правда без демократски контекст, и нема социјална правда без развиена свест за животната средина. Дали ова значи дека е погрешно за еден човек да избере само една битка?

АА: Работам за организација за животната средина. Но, мојот бекграунд e како активист за човекови права. Така што, цело време ја имам поголемата слика, дека се’ е меѓусебно поврзано. Не можете да имате климатска правда без човекови права, така? Па, низ годините, додека бев едукатор за човекови права, можев да приметам дека некои колеги се фокусираат единствено на проблеми со животна средина. Што, е супер. Затоа што, во тој случај има експерти. Но, тие го игнорираа делот за човекови права. Исто е во обратен случај, кога еко-активистите ги игнорираат социјалните аспекти, пример за маргинализираните заедници, или не даваат акцент на социјалната правда.

Фото: Васко Џамбаски

Работите на проекти за подобрување на заедницата. Kако може да се дефинира „заедница“ овие денови?

АА: За мене лично, заедница е градот каде живеам. Луѓето околу мене што сакаат да направат промена. Но, некои не знаат како да ја направат промената. И, тогаш, можам да придонесам, да одам кај нив, да речам: „можеш да го направиш ова или она“. На овој начин можеме да изградиме заедница од заинтересирани луѓе, свесни за случувањата наоколу. Заедница е да се грижиш за луѓето наоколу и, ќе повторам, да немаш само еден фокус. Да бидеш сигурен – сите да бидат вклучени. И, барем да се надеваме на правичност и еднаквост.

На „ENGAGE“ рековте дека климата е колективeн проблем, a не е само работа на невладините организации…

АА: Погледнете преку позорецот!? Каков беше февруари во Скопје во минатото!? Моментално гледам сонце. Се соочуваме со нешто што, лично, не сум го искусила. Целиот живот досега не сум почувствувала вакви климатски промени. Секако, сите не’ засега. Романија, секако, годинава ќе се соочи со згуснување на населението во некои предели. И ова ќе има ефект врз храната, луѓето, затоа мора колективно размислување. Надвор времето е „лудо“, дрвјата „полудуваат“ бидејќи мислат дека е веќе пролет, не знаат што се случува, па има ефект врз земјоделството, нашето здравје, се шират разни вируси. Мораме да мислиме заедно. Без здрава и чиста средина, сите ќе го „јадеме“.

Што е со образованието за одржлива средина, за екологија? Треба ли да се изучува уште од рана возраст, од градинка, основно училиште? Бидејќи, сите конференции, обуки, работилници се дел од неформално образование, кое предничи, а формалното како да не фаќа чекор?

АА: Неодамна зборев со човек од Франција. Тој за екологијата учел уште од основно училиште. И, нели, потоа размислуваме и правиме паралели со Балканот, или со источните земји. Тука ретко го има тоа.

Моето дете е скоро 6 години и веќе купив книги за промените на климата и нејзиното влијание. Знаете… некои луѓе велат: „Зошто ова да му го кажувате на дете? Тоа дете ќе стане анксиозно?“. Не! Тоа дете треба да знае дека има право да живее во здрава средина. Во училиште, или во градинка, можат да почнат да зборуваат на овие проблеми и како се’ е поврзано меѓусебно, за детето да може да го резимира влијанието.

Колку е големо влијанието на Грета Тунберг за младите генерации? Бидејќи, честопати херои, примери за новите генерации се суперхерои, луѓе со натприродна моќ, имагинарни ликови, а не живи луѓе со кои можат да се поистоветат..?

АА: За момент, да ја тргнеме Грета од муабетот. Јас како родител, како човек, давам се’ од себе за моето дете да ме перцепира како личност за пример. И, сите луѓе околу мене ја имаат истата борба. Па, суперхероите можат да бидат покрај нас, но од нас зависи дали сакаме самите да бидеме суперхерои за нашите деца.

Фото: Васко Џамбаски

За крај, да прашам – што прави моментално ‘Greenpeace’, и што ќе прави во иднина? Бидејќи, за многумина, прво што паѓа на памет е дека со големи банери блокирате бродови, возови, или седите со големи ланци пред институции?

AA: Видете… Се уште ја имаме истата борба. Во Романија, пример, се фокусираме на нелегалната сеча, на уништувањето на шумите. Бидејќи, нели, „зелениот план“ е да се садат дрвја. Навистина?! А, што е со нелегалната сеча? Фокусот е како да се ослободиме од фосилните горива. Од јаглен, многу порано отколку што вели Парискиот договор. Мора да има решенија за транзицијата на јаглен, оние региони зависни од јаглен, да можат да се префрлат на обновливи енергии.  Тоа е борбата.

 

Бојан Шашевски