Средношколци од градовите околу Штип денеска излегоа на протест откако општината им го укина досегашниот бесплатен школски превоз, организиран од приватни превозници.
Тие се револтирани бидејќи од нив сега се бара да го користат јавниот меѓуградски превоз. Ова како што велат е проблем бидејќи автобуските линии не се прилагодени на наставата, па учениците или доцнат или прерано мора да доаѓаат на училиште. Честопати, велат, нема место за нив во автобусите и се приморани да стојат.
„Во петокот имавме средба со директорката на училиштето и ни кажа дека превозот кој го имавме досега ќе биде променет така што ќе треба да одиме од автобуските станици на градовите, до автобуската станица во Штип и оттаму да одиме пешки. Проблемот е што автобусот пристигнува многу рано, или пристигнува многу доцна и не можеме да стигнеме на првиот час, а децата од Радовиш пристигнуваат овде во 6 и пол наутро. Имаат еден час слободен да одат некаде по Штип, а многу е рано“, објаснува средношколка од Кочани која учи во средното медицинско училиште „Јане Сандански“.
Но, проблемот ги опфаќа и учениците од средното машинско училиште „Коле Нехтенин“ кои доаѓаат од други градови. Досегашниот превоз ги носел учениците од најблиската постојка во нивниот град, до најблиското училиште во Штип. Сега дел од учениците ќе мора да користат такси од автобуската станица на Штип за да стигнат до училиштето кое сами треба да го платат, или пешки, но ризикуваат да задоцнат на час.
„Ни велат дека се работи на случајот, но не ни се верува“, изјави средношколката за Радио МОФ.
Од Министерството за образование и наука велат дека обврска на општината е да го организира превозот за своите ученици. Додаваат и дека редовно ги префрлаат блок дотациите до општините, кои се користат за покривање на бесплатниот превоз во задолжителното средно образование. Радио МОФ побара објаснување за случајот од Општина Штип, но до објавување на текстот не добивме одговор.
Средношколците од денешниот протест, пак, порачуваат дека нема да се откажат додека не се реши проблемот. Во спротивно, најавуваат помасовни протести.
Ова е втор протест, по вчерашниот во центарот на Штип со кој средношколците побараа враќање на организираниот превоз до нивните училишта.
Е.П./Ј.Ј.