И покрај револтот и протестите на жителите од Тафталиџе, детското игралиште на улицата Мексичка е уништено. Блокадите од автомобили стојат цела седмица, но изведувачот во 5 часот наутро успеал да го протне малиот багер по споредно патче до игралиштето, за веднаш да почне со копање темели за новата зграда.
Жителите на Тафталиџе велат дека градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски Карпош се крие од нив. Јакимовски пак во изјава за 24 вести , вели дека е во контакт со граѓаните, но пред законот, рацете му се врзани.
Граѓаните сега прашуваат, како е можно општинските власти да немаат ингеренции врз објект за кој самите имаа издадено дозвола. Велат, пред 40 тина години доброволно се откажале од своите дворови за децата да добијат игралиште, а сега некој сака да стави рака врз него.
Багерот ни помина, но машината за бетон нема да дојде овде, децидни се станарите. Она што досега уништено планираат самите да го поправат, но бараат инспекторите под итно да ги сопрат градежните работи. Деновиве тие најавуваат нови протести и жив штит за спас на детскиот парк.