[Став] Онлајн просторот не е паралелен свет каде што се’ ви е дозволено

Медиумската писменост е зависен круг од медиуми, образование, градење доверба, но и одговорност во дигиталниот простор, воопшто во целиот медиумски простор. Етиката и одговорното однесување се потребни не само од професионалните медиуми што создаваат новинарски производи во редакциските „кујни“, туку и од сите оние што пишуваат, комуницираат и се информираат преку слободната интернет зона. Новинарските гласила, но и корисниците на социјалните медиуми, не можат да очекуваат одговорност, ако и самите се однесуваат неодговорно

Младите луѓе први треба да (на)учат дека само со одговорност се лечи неодговорност. Затоа, за поздрав е што младите се почесто се вклучени во т.н. „отворени медиумски денови“, кога со своите соученици доаѓаат да ѕирнат во редакциите, да дознаат како се „пече“ новинарскиот производ. Како се прават ТВ и радио прилози, како новинарите прават мултимедијални производи во дигиталните платформи, од кои бенефит има целото критичко-мислечко граѓанство.

Процесот е важен за да се дознае од прва рака како функционираат редакциите, како ги подготвуваат и пласираат пораките до јавноста. Пораки што информираат, едуцираат и оформуваат цели генерации. Пораките бараат одговорност од целата редакција – од преведувачите, фотографите, новинарите од дескот, па до оние што објавуваат вести на социјалните мрежи. Сите тие се огледало на јавноста, пример за одговорност на пишаниот збор и визуелните комуникации.

Младите, во меѓувреме, учат дека медиумите имаат одговорност да применуваат стандарди утврдени од новинарската заедница. Ова во превод значи: одговорно известување преку точни и проверени информации, правење разлика помеѓу мислење и факт, почитување на етничките, културните и религиозните различности, да не се поттикнува насилство и дискриминација.

Лечење фрустрации на интернет

Ова особено важи за порталите, за кои во 2019 година имало најмногу жалби до Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ). Дури 83,1 отсто од преставките се однесуваат на неодговорни интернет портали, 15,7 отсто на телевизиите, а само 1,2 отсто на весниците кои се повеќе „испаруваат“ од медиумското небо.

Но, за да има одговорни медиуми, треба да има и одговорни граѓани! Младите можат (и треба) да реагираат ако наидат на манипулативно или тенденциозно известување. Да пријават во СЕММ, или во Агенцијата за медиуми. Да пополнат формулар за жалба, за да не може некој да се вади „абе има дезинформации, ама нема кој да ги пријави“. Не! Таа алатка е нон-стоп на располагање. Неколку клика и одземени 5 минути од дигиталниот живот.

Од друга страна, дигиталниот живот бара одговорност и од самите корисници на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, блоговите… Се’ е тоа јавен простор, а не паралелен свет каде може да „истурите“ фрустрации и да омаловажувате, дискриминирате, да сеете говор на омраза, да се заканувате. Ако некој не ве гледа преку тастатурата, тоа не значи дека не постоите, дека вашите постапки и зборови се забораваат. Секој ваш збор има „домино ефект“, таму некаде – влијае на некој настан, ситуација, личност, мислење.

Едукативни апели до младите

Затоа се добредојдени етичките механизми и стандарди за интернет просторот. За сите. Ова не значи „целосна контрола“ на медиумскиот простор, која ЕУ ја избегнува и е нетипична за демократските општества. Не! Апелите за етичко однесување не ретерираат од барањата за почитување на слободата на говорот. Напротив.

Ова се едукативни, приземни апели кои треба да бидат редовна станица од воспитно-образовниот процес на младите, бидејќи тие се тие што „владеат“ со дигиталниот свет и ги поставуваат трендовите. Со своето постоење, со своето одговорно делување, младите треба да го намалуваат „провевот“ на пропаганда, дезинформации и омраза.

Ова треба да тече во и вон формалното образование, во сферата на медиумската писменост, рака под рака со саморегулацијата во медиумскиот простор, за да може да се создаваат одговорни дигитални жители. Самите новинарски здруженија веќе дадоа насоки за професионален дигитален живот (Кодекс, импресуми, транспарентно сопствеништво), а од неодамна е објавен и Регистар на професионални онлајн медиуми.

Вака одговорни граѓани и одговорни медиуми, се темел за одговорни институции. Не е доволно институциите само декларативно да тврдат дека се „транспарентни“. Транспаретноста не значи ништо ако во реалноста медиумите се затворени, со неажурирани сајтови, без достапни документи и буџети, без да им е гајле што мисли јавноста. За да им е гајле, прво треба и на јавноста да и е гајле!

Новинарите одговорно да бараат одговори, а целото граѓанство одговорно да пријавува, да праќа барања за пристап до информации од јавен карактер, да учествува во јавни анкети, будно да следи и да ги прави неодговорните институции – одговорни!

Само така може да се комплетира кругот на доверба, со чувство на општествена одговорност. Бидејќи, со дискриминаторска, манипулативна и недефинирана дигитална комуникација се создава магичен круг на цинизам, фрустрации, површност и неможност да се поистоветуваме меѓусебно. Без факти, само со перцепции и лични доживувања. Етичките механизми значат и повторно враќање кон луѓето, дека тие не се само аватар, профилна слика, туку новинари, полицајци, судии, политичари, студенти… Потребно е да се запознаеме со нивните грешки, да се поистоветиме со нивните потреби, барања, обврски, стравови, со секојдневната работа. Потребно е враќање на довербата, во и надвор од онлајн сферата.

Одговорност и доверба, тоа значи „буст“ (поттик) за демократскиот капацитет, што ќе се рефлектира на сите видови медиуми, па и во целиот јавен простор воопшто.

Бојан Шашевски

Блогот е објавен во рамки на од иницијативата Стоп дезинформации и е преземен stopdezinformacii.mk.  Оригиналната објава може да ја прочитате ОВДЕ