Едукација за специјалните едукатори за подобро да напредуваат децата со аутизам

„Се соочивме со фактот дека во нашата држава, каде децата со аутизам се во училиштата, специјални едукатори (дефектолози) што се носителите на инклузијата и најголема помош на децата, немаат доволно знаење за аутизмот. Сѐ уште, за жал, некои мислат дека аутизмот ќе ‘се надрасне’. Ќе ‘помине’ со возраста. Сѐ уште имаат различни ставови, не се сигурни кои се карактеристиките на аутизмот. А, децата со аутизам во образованието најдобро напредуваат ако добро се едуцираат. Значи, покрај терапиите кои дома им се пружаат, покрај логопед и слично, процесот на образование е многу важен! Но, специјалните едукатори се судрени меѓу ‘сакам’ и ‘можам’. Сакаат да помогнат, но не се доволно едуцирани“, вели Јасмина Трошанска од „Сината светулка“.

Трошанска и нејзината организација се дел од „Еразмус+“ проект за аутизам – поддршка на специјални едукатори и рехабилитори.

Преку проектот ADS-EAST со обуки и истражувања, партнерите „Сината светулка“, „Д-р Златан Сремец“, универзитети од Полска и Хрватска, „Аутизам Европа“ од Брисел, британскиот универзитет „Нортхемптон“ и „Таргет Аутизам“, укажуваат дека на специјалните едукатори им се потребни алатки, практични знаења за да можат да помогнат на децата со аутизам во образованието.

Тоа важи и за посебните, и за редовните училишта.

Јасмина Трошанска

По обуките на над 100 едукатори, евалуациите покажале дека државава нема целосно едуциран ваков кадар. Друго, вели Трошанска, самите специјални едукатори, кои се во редовните училишта, се песимисти за напредокот на децата. Такви ги прави самата средина.

„Во редовните училишта влегуваат млади, неискусни, несигурни. Нормално, но, истражувањата покажуваат дека применуваат разни методи, a не ги евалуираат постапките, самодовербата е на ниско ниво. И, со сето тоа, кога ќе видат неуспех во работата, имаат и притисок од редовното училиште… Од нив се очекува сѐ! Се очекува еден специјален едукатор да ги реши сите проблеми, на сите нивоа, на сите деца! Па, често професионално ‘прегоруваат’. Тоа не е добро. Ако си песимист како хирург, тешко операцијата да биде успешна. Слично е и тука. Мора оптимизам!“, нагласува Трошанска, која со години е специјализирана за работа со деца со аутизам.

Според истражувањето, недовербата е почеста во редовните, а поретка во посебните училишта.

„Животот на детето во училиштето не е само на час“

Дополнително, едукаторите се оптеретени и се на удар од родителите, но и од други вработени од образовните установи, објаснува директорката Марија Дeлетиќ од посебното училиште „Д-р Златан Сремец“, кое е вклучено во проектот.

Делетиќ зборува од искуство, бидејќи „Златан Сремец“ има подрачна паралелка и во редовните училиште, каде и самата поминала осум години.

„Додека немаше вработено специјален едукатор (дефектолог) во училиштата, бев единствена на која и се обраќаа. Нормално, помагав, иако само физички користевме простор. Кога се вработи млад едукатор, нормално без развиени компетенции и нормативи за работа, таа сепак се трудеше. Но, како одминува времето, она што е планирано, едно по едно не се реализира. Тоа може да биде секој. И јас. Немате можност каде да се обратите и да побарате дополнителна обука, не мора да е за аутизам. Ова се секојдневни ситуации“, нагласува директорката Делетиќ.

Обука во склоп на ASD-EAST; фото: „Сината светулка“

Потенцира дека има деца со аутизам што навистина се вклучени во образовниот процес, но, не постои начин ниту наставникот, ниту родителот, ниту специалниот едукатор – да се справат со ситуацијата.

Понекогаш, нагласува таа, се појавува предизвикувачко однесување, проблем со внимание, основна комуникација… Различни се манифестациите кај секое дете, затоа е различен и начинот на справување, со различни методи.

„Животот на детето во редовното училиште не е само на час! Земете го големиот одмор, значи 20 минути децата одат во тоалет, играат некаква игра. Тоа дете утре треба да оди на екскурзија, комплетно да функционира со училиштето, не само на часот. Ако ја гледаме големата слика, независно од училиштето, огромна е одговороста на едукаторот. Огромен товар, но, од друга страна, не му се нуди доволно едукација, поддршка, најразлични обуки, како да соработува со институции…“, нагласува Делетиќ.

А, вели таа, првиот контакт со некој што треба да даде услуга – се тие. Специјалниот едукатор и наставникот во редовното образование се тие што треба да понудат решение.

Потребно е да се смени ставот и начинот на размислување 

Марија Делетиќ

Како што сега е поставен законот, Делетиќ објаснува дека специјалните едукатори ќе се обраќаат до нив, до посебните училишта. Ќе бидат одговорни за образовните асистенти. Меѓутоа, без разлика на ваквата опција, смета дека системот не нуди доволно едукација.

Токму затоа со години бараат начини самите да се едуцираат, па работат на шест „Еразмус“ проекти. Сфатиле дека тоа им е опција.

„Не го работиме ‘Еразмусот’ за да се шетаме! Се’ е поврзано со актуелни проблеми. Пример, 10 луѓе отидоa на размена на работно искуство во Англија, на посета на посебни училишта. Тоа е непроценливо искуство. Се внесува нова димензија во праксата. Да применат само дел од тоа искуство, е супер, бидејќи според буџетските капацитети не можеме да правиме чуда. Финансиите се познат проблем, но потребно е да се смени ставот, начинот на размислување, менталитетот. Тоа ни е целта! Да ја наметнеме одговорноста на едукаторите самите да преземаат нешто, да ги подобрат компетенциите. Бидејќи, нема да се случи чудо. Можеби ќе се понуди некој тренинг, меѓутоа ќе биде еден, а ние имаме 10 останати проблеми. А, децата ни се тука 180 наставни денови, по 4-5 часови. Затоа, не застануваме“, нагласува Делетиќ.

Не е поентата само да се „преслика“ нешто од западот

Трошанска, пак, објаснува дека проектот е меѓу Македонија, Полска и Хрватска, земји кои се на различно ниво во однос на специјалните едукатори. Во сите земји одат различни „струи“. Пример, Хрватите имаат многу поголем пристап до ПЕКС методот (комуникација базирана на слики), повеќе имаат АБА (применета анализа на однесувањето н.з.).

„Кај нас, предничи сензорна терапија. Но, генерално, нашите едукатори се изјаснија дека им треба обука за се’. Обука за предизвикувачко однесување, за комуникација, обука за развој на социјални вештини, за сензорни потреби… За сите обуки. Затоа, проектот создаде шест модули што ги покриваат сите подрачја“, објаснува Трошанска, која и самата е специјален едукатор.

Настан – обука на „Сината светулка“ од 2019 година

Според неа, не е поентата само да се „преслика“ нешто од западот. Туку, да се постави согласно можности, потреби, менталитет. Меѓувремено да се следат светски трендови, пракси, да се пополни таа „дупка“ меѓу неформалното и формалното образование.

Самите обуки не се готови методи, вели Трошанска, ама е важно со тек на време да се применуваат алатки од различни методи, во различни фази на развој.  Нема уникатно решение. Ако го носиш детоте само на метод ПЕКС, нагласува таа, нема да развие други вештини, сензорни итн… Целта на нивната евалуирана програма за едукатори е таа да заживее во Македонија.

Помешани се активностите на образовен и личен асистент

Во поглед на предизвиците со личните и образовни асистенти, нагласува дека е важно да има дистинкција, дека тоа се два различни асистенти. Раскажува, преку „Златен Сремац“ имале можност да посетат разни училишта во други земји, каде се издвоени дејностите на образовниот и на персоналниот асистент.

Тука кај нас работите се измешани. Секој треба да знае со какво дете работи. Да знае се’ за тоа дете. Многупати асистентите прават грешка. Ако детето со аутизам го држиш за рака, го учиш така да пишува, тоа може да бара држење за рака и следните пет години. И, тешко ќе го одучиш. На секој човек е различен стисокот на раката, топлината, мирисот… Можат да се направат грешки во процесот на образование“, нагласува Трошанска од „Сината светулка“.

Објаснува, ако е присутен образовен асистент, не значи дека треба постојано да му пишува на детето. Образовниот асистент е потребен на наставничката, да ја прилагодува за дете со аутизам, или со некаква попреченост.

„Со тоа што го држи за рака за да седи, тоа веќе не е инклузија, тоа е вид стигматизација, ако гледаме од друг аспект. Детето само треба да учи во наставата. А, персонален асистент е потребен за деца со слепило, комбинирани попречености, нискофункционални, кои не можат да се движат итн. Повеќе би рекла од медицински, хигиенски аспект, едукаторот да знае да се грижи, а не да учи со тоа дете“, објаснува Трошанска.

Терминот „дефектолог“ заминува во историјата

Нагласува дека повеќе не треба да се користи терминот „дефектолог“, туку стриктно – специјален едукатор. Пример, ако дојдат луѓе-експерти од странство, често слушаат како се споменува „дефектолог“. Па, вели Трошанска, не мора да им кажуваш дали постои инклузија, туку констатираат дека не постои со тоа што го користиш зборот.

„Значи, се уште сме во медицинска фаза на гледање на работите. Ако кажеш ‘дефектолог’, тоа значи дека некој ќе ги ‘поправа’ работите. Ама работите не треба да се ‘поправаат’, не треба да се гледа ‘дефектот’, туку функционалноста на децата. Тоа е медицински модел кој во светот се надминува. Не треба да постои дефектолог. Излезени сме времето да го гледаме како ‘болест’ и сл. Туку социјалниот аспект, можноста на децата. Истовремено, треба едукација и на медиумите и новинарите. Хендикепираност значи едно, попреченост друго, болен значи трето… Се’ е различно“, вели Трошанска.

Кога има специјален едукатор, потенцира таа, не треба биде акцентот на „која е болеста или состојбата“, освен ако не е епилепсија, или нешто од медицинска природа и дополнително може да ги усложни работите.

„Треба да знаеме што може да направи тоа дете, неговите потенцијали. Да му ги максимизираме способностите врз основа на можностите. Децата со аутизам имаат способности, таленти. Целта е да ги најдеме, да се најде доброто во детето за да оди напред. Да биде посамостојно“, констатира Трошанска.

Бојан Шашевски