Владата на синоќешната седница побара итно отстапување на 143.000 литри Еуродизел БС гориво, за превоз на ученици од училиштата за средно образование на територијата на Општина Штип до завршување на учебната 2019/2020 година. Барањето е упатено до Бирото за јавни набавки откако од Општина Штип побарале позитивен одговор.
Учениците од градовите околу Штип деновиве за да стигнат до училиште го користеле меѓуградскиот превоз, при што морале да платат заверка, а учениците од околните села си плаќале превоз за да стигнат до главната автобуска станица.
„Вчера возачот не остави на улица, кај надвозникот што минува кај автобуската станица“, вели средношколка од Радовиш која учи во Штип, иако забележа дека превозот генерално е регулиран.
Изминатиов период учениците излегуваа на протести револтирани откако Општина Штип го укина досегашниот бесплатен школски превоз, организиран од приватни превозници и им наложи да ги користат редовните, меѓуградски линии.
Иако општинарите за Радио МОФ тврдеа дека се е во ред, учениците се пожалија дека користејќи го меѓуградскиот превоз, често доцнат или премногу рано доаѓаат на училиште, а се случува и да нема место за нив во автобусите.