И по две години од убиството на Мартин Нешковски и низата протести против полициското насилство кои следеа подоцна, институциите и надлежните не понесоа никаква одговорност за прикривањето на овој злостор и сопствената вмешаност во него, револтирани се активистите кои и денеска излегоа на миран протест за да ја одбележат годишнината од немилиот настан.
Правда за Мартин, но и за сите граѓани побара и неговиот брат Александар Нешковски:
„Институции пробаа да не замолкнат, замолкнаа и медиуми, заплашија и народ, но правдата мора да излезе на виделина за сите нас“.
Две години подоцна, од Движењето против полициската бруталност посочуваат дека само директниот извршител понесе одговорност.
„Две години по настанот, Мартин Нешковски кој беше жртва на бруталниот полициски систем, стана симбол на правдата и борбата против полициската бруталност. Веднаш по немилиот настан, граѓаните се организираа и 40 дена секој ден се протестираше низ скопските улици. Ова беше и првото граѓанско движење последниве децении кое се роди како знак на револт против неодговорното однесување на институциите“, посочуваат активистите.
„Многу барања не се исполнети, судот не побара командна одговорност,подоцна ја одби и приватната тужба на семејството Нешковски. Затоа ние како здружение, заедно со Хелсиншкиот комитет решивме да поднесеме тужба во Стразбур, која ќе ја бара понатаму правдата“, изјави Тамара Атанасовска.
За да не се заборави, но и никогаш да не се повтори, семејството Нешковски, Движењето против полициската бруталност и Здружението Плоштад Слобода најавија дека ќе поднесат барање до општина Центар за поставување спомен обележје на местото каде што Мартин Нешковски беше свирепо убиен од припадник на полицијата.
На денешниот протест против полициската бруталност, по повод двегодишнината од убиството на Мартин Нешковски, беше промовирана и интернет страницата Пријави полициско насилство, направена од страна на Движењето „Стоп на полициската бруталност“ и Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ како граѓански одговор на зачестената појава на полициски злоупотреби. Главната цел на овој сајт е подигнување на свесноста на граѓаните за кривичните дела и инцидентите во кои како сторители се јавуваат полицајци, што пак ќе помогне во спречувањето на сторување на вакви кривични дела и инциденти во иднина и подобрување на односот на полицијата кон граѓаните.