Данската влада планира да исплати 75% од платите на работниците во приватниот сектор чии работни места можат да бидат загрозени поради кризата со коронавирусот, доколку работодавците ветат дека нема да ги отпуштат, пренесува „Индекс.хр“.
Претставувајќи го планот договорен со претставници на работодавците и синдикатите, данската премиерка Мете Фредериксен на прес-конференција изјави дека владата разбира дека може да се појави потреба за пуштање на работниците дома поради недостатокот на работа, но апелира работодавците да не ги отпуштаат.
Договорот го уредува периодот од 9 март до 9 јуни, а максималната субвенција ќе изнесува 23.000 дански круни или 3.067 евра месечно. Фирмите ќе мора да ги исплатат останатите 25% од платите на работниците.
Работниците, пак, за возврат ќе треба да земат пет дена задолжителен годишен одмор или пет слободни денови, додаде Фредериксен.
Ваквата понуда е една од неколкуте пакети за економска помош од владата за да им помогне на компаниите и вработените да го намалат ефектот на тешките мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, пренесува „Ројтерс“.