Сузана Стојановска од Скопје деновиве своето време во изолација поради новиот коронавирус го поминува изработувајќи маски кои потоа ги подарува на оние кои не успеале да купат.
На овој начин, вели таа, ги користи своите шивачки вештини за да направи нешто корисно за општеството, но и да ги анимира нејзиниот син Никола кој има Даунов синдром и Денис кој е со лесна попреченост, а за кој се грижи повеќе од една година.
Тие се во ризична категорија на граѓани, па за да ги почитуваат мерките на Министерството за здравство, своето време го поминуваат дома. Но, Стојановска се обидува секојдневието да им го направи интересно, за како што вели, да ги заштити и од депресија.
„Ги правам маските бидејќи гледам дека ги нема да се набават и чаршави нови дома што имав од памучен материјал ги преперував, и со самото тоа ги анимирам, да не им е досадно дома. Правиме нешто, има интеракција“, објаснува таа.
За да го сведат контактот со останатите луѓе на минимум, маските ги подаваат низ прозорец, а од голема помош е тоа што живеат на прв кат.
„Исполнети сме дека правиме нешто корисно. Да се најдеме општествено одговорни во целава ситуација колку можеме. Можеби ова не е не знам што, но е капка во морето“, верува Стојановска..
„Еден контакт со очи и збор на далечини многу значи во овие моменти“, додава таа.
Стојановска упати апел до останатите граѓани во другите градови да започнат слична акција, со која би им помогнале барем на своите соседи.
Маските кои таа ги изработува се памучни и како што нагласи, лесно се перат и можат повеќепати да се искористат.
Акцијата, пак, се пошегува Стојановска, ќе трае се дур дома има доволно материјал.
Емилија Петреска