Полицијата во Сараево рано утрово евакуираше стотици пратеници, луѓе од персоналот и странски гости кои се наоѓаа во босанскиот парламент, кој беше опколен од околу три илјади демонстранти, пренесуваат медиумите.
Протестите избувнаа откако се одложи донесувањето на законот за матичните броеви на граѓаните и основање на фонд за помош на болните деца. Законот не се носи поради несогласување меѓу ентитетите во федерацијата БИХ, а поради тоа новородените не можат да бидат регистрирани. Граѓаните со своите автомобили вчера ги блокираа сите излези од Парламентот, каде имало и регионална банкарска конференција, на која присуствувале и претставници од Македонија – вицегувернерката на НБМ Маја Кадиевска Војновиќ со уште еден соработник. Полицијата ги извлекла луѓето околу 4 часот, кога околу парламентот останале само неколку стотици демонстранти.
Вчера ситуацијата пред парламентот во Сараево стана тензична, откако повеќе од 400 граѓани се собраа испровоцирани од власта, бидејќи девојчето Белмина Ибришевиќ не можело да добие матичен број, за да може да патува и да се лекува во странство.
Граѓаните се организирале преку социјалните мрежи, а ова денеска е главна тема во регионот. Во еден од коментарите на Твитер, еден граѓанин забележува:
„Кога 20 години ги држите граѓаните на БИХ во изолација, тоа е политика. Кога 24 часови држите политичари во зграда, тоа е „заложничка криза“.