„Образовните установи да изнајдат начини со кои ќе ја продолжат неформалната едукација на учениците и студентите додека трае кризната состојба предизвикана од ширењето на корона вирусот, а особено да се фокусираат на можноста за воведување на онлајн настава“, апелираше денес министерот за образование, Арбер Адеми за искористување на можностите за неформална едукација.
Адеми истакна дека моментално не постои можност за организирање на онлајн настава за сите ученици поради повеќе причини, пред сé поради недостапноста на интернетот во сите средини, но и поради тоа што сите ученици не поседуваат ИТ уреди или се едуцирани да ракуваат со нив.
„Сепак, потребна е иницијативност и придонес од училиштата и општините со цел што повеќе ученици преку користење на интернетот и онлајн едукативните алатки да бидат опфатени со неформална едукација“, рече Адеми.
Според министерот, по одлуката за привремено затворање на училиштата и градинките, Министерството за образование и наука (МОН) со другите институции почнале со план со кој децата во вакви вонредни околности нема пасивно да го минуваат времето дома, туку ќе го исполнат со совладување корисни и едукативни содржини.
„Освен што споделивме бесплатни апликации, дигитални алатки и содржини за учење од дома, кои според информациите кои ги добивам веќе наоѓаат соодветна примена, на националниот телевизиски сервис МРТВ од вчера почна да се емитува едукативна програма наречена ‘ТВ училница’, рече Адеми, појаснувајќи дека трите канали на МРТВ се емитуваат едукативни содржини по предметите кои учениците ги изучуваат на училиште, додека за децата од претшколска возраст – едукативни емисии и приказни според возраста.
Едукативната ТВ програма, вели тој, во меѓувреме ќе се интензивира од аспект на застапеност во медиумскиот простор и ќе трае сé до стабилизирање на ситуацијата и повторно враќање на децата во училиштата и градинките.
Адеми апелираше установите да почнат да го користат примерот на Општина Карпош, која разви дигитална платформа за споделување на содржини преку Google drive, кои би се изучувале во овој период од годината согласно наставните програми. Ова би важело за едукација за сите одделенија од прво до деветто.
„По осум предмети наставниците прикачуваат содржини кои би се изучувале по наставните програми во овој период од годината. На платформата се поставуваат power point презентации, квизови за ученици и видео предавања од наставници. Апелирам на ангажман, посветеност и креативност како од наставниците, така и од учениците. Седете дома, учете по електронски пат, а надвор излегувајте само ако навистина имате итна потреба“, рече градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.
Тој истакна дека за овој тип на настава е добиена согласност од МОН и и Бирото за развој на образование. Е-наставата може да се спроведува и преку платформите Classroom, Microsoft 365 и др.
Инаку, како што веќе објави Радио МОФ, средношколците бараат алтернативи за учење од дома. Ова дојде откако коронаворусот ги затвори училиштата, па најголем дел од учениците се оставени сами да ги повторуваат лекциите, да ги читат книгите и да работат на проектите, но и да учат за матурскиот испит.
Оттука, учениците предложија разни алатки, апликации и онлајн платформи.
Средношколците бараат алтернативи за учење од дома, системот не нуди онлајн настава
Исто така, Радио МОФ пишуваше дека студентите чекаат предавања, а професори тестираат онлајн платформи. Професори ќе предаваат од дома, ќе се селат на Скајп, или пак ќе ги користат сопствените ФБ и Јутјуб канали за онлајн предавања додека не се вратат студентите на факултет.
Меѓувремено, Универзитетското студентско собрание при УКИМ соопшти дека не гледа пречки за префрлање на наставата онлајн.
Исто така, новонастанатата ситуација со пандемијата со коронавирусот ги натера универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) Штип и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола наставата да ја преселат онлајн.
Од вчера, како што информира од универзитетот во Штип, започнал процесот на интерактивни предавање преку интернет, каде тоа први го сториле од Факултетот за информатика. Појаснуваат дека во периодот кој следува ќе се приклучат сите факултети, на кои е изводливо наставата да тече онлајн.