„Во Берлин се преселив пред 6 и пол години и првите тукашни песни ги почнав пред околу 3 и пол години. Впрочем, „Trippin“ е една од првите песни што ги напишав пред 3 лета и првичната верзија имаше само два акорди. Поминав доста долго време истражувајќи каков звук сакам и за среќа почнав да работам со „Абасе“, кој со неговите соработници го снимија овој прекрасен инструментал. Финалната верзија беше снимана во Будимпешта“, вели пејачката „Катериња“ за Радио МОФ. Таа вчера го објави видео записот за синглот „Trippin“ со кој го најавува своето ЕП издание.
Видео спотот е снимен на пет локации во Србија, С. Македонија и Босна и Херцеговина и ги таргетира бруталистичките споменици на поранешната територија на Југославија. Целосно снимено на една камера, видеото ги опфаќа и „Македониумот“ во Крушево и Народниот музеј во Велес.
„Градбите во спотот се бруталистички споменици изградени во Југославија, како сеќавање на решителноста на нејзиниот народ и надежта за виртуозна иднина“, пишува во посветата на видеото.
Фокусирана на џез, соул и р’н’б сцената, македонската пејачка која живее и работи во Берлин, објаснува дека псевдонимот „Катериња“ е игра на зборови од нејзиното име Катерина и португалскиот начин на правење деминутив.
„Отсекогаш ме инспирирала бразилската музика, па ова е мојот омаж на таа култура“, дополнува таа.
„Катериња“ го опишува својот стил како фузија на р’н’б, латино, соул и џез.
Објаснувајќи за концептот на нејзиното ЕП, таа вели дека преостанатите песни на некој начин се вклопуваат во аудиовизуелниот пакет со „Trippin“.
„Жанровски се слични бидејќи се снимани со инструменти во живо и аналоген звук, на овој проект не работам многу со дигитални инструменти. Но има доста разновидност во другите песни, на пример, имам една што е во современ боса нова стил, една со “клубски” поп ритам, една во џез/хип хоп стил. Сепак сите се во некој топол соул и r’n’b округ““, вели „Катериња“.
Таа е (бас) гитаристка и диџејка, која работи и како музички букинг менаџер.
На нашето прашање за тоа кои музичари највеќе влијаеле врз нејзиниот музички идентитет, „Катериња“ ги наброја „Наи Палм“, „Хиатус Каијоте“, Шарлот Деј Вилсон, Ејми Вајнхаус, Ерика Баду, „Бонобо“ и Џејми Лидел, но за најголемо влијание го потенцираше нејзиниот главен продуцент „Абасе“.
Таа воедно е менаџер и на џез музичарот „Абасе“, кој комбинира афробит, марокански и западно африкански звуци со џез и хип-хоп.
„Името „Абасе“ е од западно африканската Јоруба култура и во превод значи “соработка”. Тоа е темелот на работата на овој неверојатно талентиран и способен уметник, кој имам чест да е главен продуцент на мојата музика“, вели таа.
„Trippin“ танцот го изведуваат француските современи танчери Егзосе Касонго и Астан Маер, инспирирани од западното африканското танцување и „Крамп“ танцот.
„Катериња“ истакна дека идниот видео запис е моментално во процес на монтажа, иако се уште нема точен датум за објавување.
Проверете го „Саундклауд“ профилот на „Катериња“.
Ивана Смилевска