20 документарни филмови се понудени бесплатно да се гледаат на платформата volimdokumentarce.net со цел граѓаните од регионот полесно да ги поминат деновите во излолација поради пандемијата со коронавирусот Ковид-19, соопштија од хрватската организација „Рестарт“.
„Додека чекаме да настапи иднината и времето на заразата да стане минато, со акција за поддршка за полесно извршување на мерките на претпазливост и изолацијата, загребскиот Рестарт солидарно се придружува на напорите за одржување на јавното здравје и ја отвара бокатата онлајн доку-ризница на Рестарт-лејбл со 20 целосно бесплатни наслови, додека остатокот од колекцијата со стотина разни документарни филмови достапен е за гледање со минимален надоместок. Целта е да се подигне квалитетот на културниот живот на филмофилите во време на карантин, како и за одржување на независната култура – жива во овие многу неповолни услови“, соопштија од продукциската и дистрибутерската куќа.
Дел од филмовите се достапни за гледање само од Хрватска, но одреден број од бесплатните документарци се достапни за гледање и на територија на бившите југословенски држави, како и на светско ниво.
На платформата, на територија на Хрватска, е достапен за гледање и македонскиот „Медена земја“ кој беше номиниран за два оскари.
За да пристапите до документарците, треба да го изберете филмот кој сакате да го гледате, да ја изберете опцијата „Rent“, па „Apply Promo Code“ и тука да внесете „DOKU-IZOLACIJA“ со кој остварувате бесплатно изнајмување на филмот.