Вчеравечер на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје починал 63-годишен пациент од Дебар заболен со коронавирус, кај кого дошло до нагло влошување на состојбата, информираат од Министерството за здравство (МЗ).
Пациентот бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести на 17 март, без покачена температура, но како што информираат од МЗ, со наод на белите дробови и бил зависен од кислород.
„Во текот на ноќта нагло се влошува неговата состојба, веднаш е интубиран, ставен на респираторна машина, но во неколку часа неговата состојба дополнително се влошила и пациентот починал. Пациентот немал позната историја на коморбидитет“, додаваат од МЗ.
Во меѓувреме, министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук објави дека во изминатите 24 часа се регистрирани 22 нови случаи на коронавирус во земјата, од кои 15 во Скопје, четири во Дебар, два во Куманово и еден во Охрид.
„Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 денеска до 12:00 часот, изнесува 136“, додава Филипче.
Инаку, вчера во државава беше регистриран првиот смртен случај од коронавирус, а почина 57-годишна жена од Куманово чии резултати на вирусот биле позитивни, откако и посмртно бил земен брис за испитување.
Прв смртен случај од коронавирус во земјава, вкупниот број заразени се искачи на 114 пациенти