Наставата во сите училишта и факултети ќе се спроведува преку интернет, исто како и оценувањето се додека е на сила вонредната состојба поради коронавирусот, одлучи Владата на вчерашната , 23 седница преку донесување неколку уредби со законска сила.
Основно образование
На оваа седница е донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за основното образование за реализација и организација на наставата во основните училишта и за оценувањето на учениците за времетраење на вонредната состојба.
Според уредбата, наставата во основните училишта се организира преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација. Средства за електронска комуникација, во смисла на оваа Уредба се средства кои обезбедуваат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес и кои овозможуваат взаемна двонасочна комуникација.
Средства за електронска комуникација можат да бидат видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци.
За употреба на видот на средствата за електронска комуникација одлука донесува основното училиште.
За периодот на организирање на наставата во основните училишта преку далечинско учење односно учење од дома, наставникот може да изврши оценување на учениците.
Со примена на средствата за електронска комуникација може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот.
Средно образование
Владата на оваа седница ја усвои и Уредбата со законска сила за примена на Законот за средното образование за време на вонредна состојба, која ќе се применува за реализација и организација на наставата преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација.
Средства за електронска комуникација, се средства кои обезбедуваат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес и кои овозможуваат взаемна двонасочна комуникација.
Средства за електронска комуникација можат да бидат видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци.
За употреба на видот на средствата за електронска комуникација одлука донесуваат средните училиште.
За периодот на организирање на наставата во средните училишта преку далечинско учење односно учење од дома, наставникот може да изврши оценување на учениците.
Со примена на средствата за електронска комуникација може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот.
Високо образование и научни институти
Владата ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба, со која се уредуваат начинот на изведувањето на студиските програми и проверката на знаењето на студентите во сите три циклуси на високото образование, продолжување на мандатот на органите и телата на високообразовните установи односно јавните научни установи, како и рокот за важност на постојните акредитации, односно ре-акредитации на студиските програми.
Студиските програми за стекнување на високо образование на сите три циклуси на високообразовните установи односно јавните научни установи и проверката на знаењето ќе се изведуваат преку системот за далечинско учење со примена на средства за електронска комуникација.
Средства за електронска комуникација, во смисла на оваа уредба се средства кои обезбедуваат двонасочна комуникација при реализација на студиите без заедничко физичко присуство на учесниците во активноста.
Средства за електронска комуникација можат да бидат видео-конференциски платформи, електронска пошта и други системи за електронска размена на податоци.
Одредбите не се однесуваат на меѓународната физичка мобилност и учество на меѓународни собири на студиската програма за трет циклус-докторски студии.
За употреба на видот на средства за електронска комуникација одлука донесува високообразовната установа, односно јавната научна установа. Преку системот за далечинско учење со примена на средства за електронска комуникација се спроведуваат предавањата, вежбите, форми на континуирана проверка на знаењето, индивидуалната настава и други облици кои се соодветни на специфичноста на наставно-научната и уметничката област, консултативно-инструктивната настава, индивидуална студиска работа (истражување на литература, семинарски задачи, проектна работа), како и одбраната на дипломска/и, магистерска/и и докторска/и задача/труд.
Полагањето на испитите и колоквиумите ќе се врши со примена на средства за електронска комуникација под услов да се обезбедени соодветни технички решенија кои обезбедуваат идентификација и контрола на работата на студентите за време на полагањето.
Работата на Стручната служба во високообразовните установи односно јавните научни установи ќе се врши со примена на средства за електронска комуникација.
Акредитацијата односно ре-акредитацијата на постојните студиските програми на сите три циклуси на високото образование, чија важност престанала или ќе престане со важност за време на вонредната состојба, продолжува да важи најмногу до една година од денот на влегувањето во сила на оваа уредба.
Високообразовната установа која до денот на истекот на мандатот на органите и телата, не извршила избор на нови органи и тела, мандатот им продолжува до изборот на нови органи и тела. Високообразовната установа е должна најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанување со важење на новата Уредба да започне, односно да ја продолжи постапката за избор на органите и телата.
Наставата во училиштата и на факултетите беше прикината пред две недели, поради појавата на новиот коронавирус во земјава.