Владата воведува прва национална платформа за далечинско учење. Унифицираната платформа е наречена „Е-училница“, а се изработува во моментов од Бирото за развој на образование (БРО) и УНИЦЕФ. „Е-училница“ треба да биде достапна веќе од утре.
Според министерот за образование и наука, Арбер Адеми, платформата за далечинско учење се прави по слични примерот во регионот, особено Хрватска, каде, вели тој, се покажува како практично применлива и ефективна.
„Платформата, чија употреба е едноставна, ќе понуди видео-лекции, односно разработка на методски единици за сите одделенија и сите задолжителни лекции. Видео-лекциите ќе бидат од 15 минути и придружени со презентација, нарација и објаснувања од наставник/наставничка што ќе покаже интерес, односно ќе се пријави за оваа цел“, рече Адеми на денешната прес-конференција.
МОН веќе ги известило сите основни и средни училишта, со апел до наставниците да се пријавуваат. До овој момент се пријавени околу 600 наставници.
Според Адеми, бројката од ден на ден постојано расте.
„До нив се подготвени обрасци и упатства за подготовка на видео-лекции. Веќе имаме пријави за над 1.000 видео-лекции, а и околу 400 лекции. Овие лекции се проверуваат од содржински аспект и да не се повторуваат. Очекуваме бројката драстично да расте. Апелираме за трпеливост до целосно исполнување на лекциите“, нагласи тој.
Во однос на прашањето на Радио МОФ за тоа колкав е опфатот на учениците што немаат пристап до интернет и како ќе бидат оценувани во периодов, Адеми тврди дека, според достапните информации, цела територија на Македонија е покриена со интернет.
„Апелирам до учениците или родителите на учениците кои не би имале ИТ уреди, паметни телефони – да пријават. Да не заборавиме дека сме во вонредни околности и приоритетно е за нас да се продолжи со воспитно-образовниот процес и во вакви околности. Не треба да трпи застој образовната надградба на нашите ученици и студенти. А, за оценувањата, во уредбите за основното, средно и високо образование, стои дека наставниците и професорите можат да ги оценуваат учениците и студентите. За начинот на оценување БРО подготвува упатство, за кое сите ќе бидат известени“, одговори Адеми.
Тој потсети дека Владата вчера ги разгледа и усвои уредбите од МОН, со што се обезбедува правен основ за да се организира онлајн наставата. Исто така, дека е воведена воспитно-образовна програма на МРТВ.
За Адеми, најголемиот предизвик со ИТ опрема не е кај наставниците, туку кај учениците, особено оние со помала возраст.
„Не сите првооделенци, второоделенци, третооделенци имаат ИТ уреди, или знаат да ракуваат со ИТ уред. Дополнителен предизвик е дали ќе бидат концентрирани цело време итн. Затоа ја замолувам целата јавност за разбирање. А, секако веќе наставниците даваат конкретен, драгоцен придонес“, вели тој.
Родители се пожалија дека при онлајн учење имаат проблеми со интернет. Оттука, Адеми тврди дека сите жалби се разгледуваат во комуникација со министерството за информатично општество, а квалитетот на интернетот е исто тема на дискусии.
„Оние семејства, места каде имаат вакви пречки – ги замолувам да не’ информираат“, рече тој.
Во однос на новинарските прашања за државната матура, полагањето и дали состојбата со коронавирусот ќе ги одложи испитите, Адеми повторно тврди дека МОН ја следи ситуацијата.
„Датумите за полагање на матурата се предвидени со календарот за организирање за учебната 2019/2020 година. Веќе имаме конкретен предлог од Државниот испитен центар, кој е доставен кај мене и ќе одлучуваме според состојбата. Нема потреба од паника, од вознемирување, дај боже час поскоро да завршиме со овој предизвик и оваа состојба. Ќе има полагање на државна матура, уписен рок и уписна сесија, уписи во високо-образовните установи“, рече тој.
СОНК и НАКС реагираа на предлогот економски мерки на првиот човек на СДСМ, Зоран Заев за минималец на цел јавен сектор, каде се вклучени образование и наука. Според Адеми, како член на Владата, се уште не е дискутиран конкретен предлог од политичка партија, но, вели тој, добредојдени е да испраќаат сите – стопанските комори, асоцијации на работодавачи, политички партии, невладин сектор.
Бојан Шашевски