Две вистини: Детско игралиште или станбен објект до споменикот на „Мексичка“?

Жителите на Тафталиџе и оваа сабота излегоа на голем протест во одбрана на зеленилото и детското игралиште во Меморијалниот Мексички Парк. Сопствениците на земјиштето помеѓу улиците „Хелсинки“ и „Мексичка“ пак објаснуваат дека просторот им е вратен со денационализација и имаат целосно право над него.

Две вистини: Детско игралиште или станбен објект до споменикот на „Мексичка“?

Првите се револтирани од тоа што општината издала дозвола за градба, како што велат, во срцето на паркот. Поради што веќе две седмици со блокади и протести се обидуваат да го зачуваат овој дел и да добијат време за да проверат дали целата постапка се одвивала според законските прописи.

„Ние имаме основани сомневања дека има сериозни пропусти во целиот случај, протестираме бидејќи ни треба време за да ги провериме документите и да видиме како е направена денационализацијата на место кое пред 10 години во ДУП-от е впишано како детско игралиште“, вели Ивана Трајаноска која додава дека ако се изгради објектот, залудни потоа ќе бидат сите нивни напори за враќање на зеленото катче.

Од „Граѓанската иницијатива Мексичка“ која се бори за зачувување на мексиканскиот споменик и паркот до него, велат дека и самиот градоначалник на општина Карпош пред избори им ветил дека овде нема да се гради, па биле изненадени кога пристигнал багерот за да прекопа дел од местото.

Сопствениците на земјиштето и објектот кој треба да се гради до споменикот објаснуваат дека тие се жртвите во овој случај. Земјиштето им било вратено со денационализација во 2002-ра година, а во 2012-та успеале да добијат и дозвола за градба. На основа од околу 200 квадрати ќе се гради семејна куќа, од приземје, кат и поткровје, посочуваат тие и се жалат на притисоци од жителите на улицата „Мексичка“.

„Ние не сакаме да го срушиме игралиштето, зедовме мал дел од парцелата која ни е вратена, за во име на добрососедските односи да им оставиме простор за пат и зеленило. Сите документи за градба ни се кристално чисти и не сме натрапници на нашиот имот, кој неправедно ни бил одземен со национализацијата“, вели Маја Лазовска, една од сопственичките на имотот.

Лазовска објаснува дека споменикот нема да се урива, а граѓаните кои протестираат , додава таа, не се борат за детското игралиште, туку за тоа што повеќе нема да имаат место каде да си ги паркираат своите автомобили, бидејќи и досега местото се користело како паркиралиште.

Со силно обезбедување, во петокот почнаа да се бетонираат темелите за објектот на Лазовски. Жителите од околните куќи во знак на револт со автомобили сеуште го блокираат пристапот до местото и најавуваат протести се додека опшинските власти не им објаснат како игралиштето стана куќа.
Ј.Ј.