Универзитетските студентски собранија на Универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ) и „Климент Охридски“ – Битола (УКЛО), по повеќе одржани состаноци и дискусии, заеднички се спротиставуваат на проверка на знаење преку електротехнички средства – онлајн полагање.
Студентските претставници што ги контактираше Радио МОФ сметаат дека онлајн полагањето не нуди никаква гаранција за квалитетот и ќе придонесе кон деградација на студентското знаење, труд и диплома. Односно, велат тие, дополнително ќе се срози и онака разнишаното образование во државава.
„Може да има малверзација при полагање испити, препишување, други студенти да одговараат прашања за оние што полагаат и сл. Не може никако Универзитетот да гарантира за квалитетот на испитот и знаењето, а професорот да врши контрола врз студентите“, вели Борјан Ефтимов, студентски лидер на УКИМ.
Ефтимов потенцира дека досега на УКИМ не се одржало електронско полагање, бидејќи самите факултети треба да донесат одлука дека се обезбедени услови. Вакво полагање, вели тој, пробно се одвивало на други универзитети со пробни колоквиуми, со камери.
„Но, во 21 век тоа се лесни методи за малверзација. Една слушалка во уво и – толку. Професорот не може да врши надзор дали студентот со свое знаење полага испит. Тоа нема да биде релевантно ниту за факултетот, ниту за студентот“, вели Ефтимов за Радио МОФ.
Второ, нагласува тој, моменталните услови не само што физички ги спречуваат студентите да се концентрираат на полагање испит на одредена материја, да бидат во амфитеатри и читални, туку и психички влијаат на нивната состојба и не можат целосно да се посветат на студирањето.
„Трето, не сите можат да полагаат онлајн, преку брза интернет конекција, со електронски уред со камера и микрофон. Вака, ќе се направи класна поделба на оние што имаат електронски уреди и финансиски можности да полагаат од дома, и студентите кои немаат услови. При запишување на Универзитетот не е предвидено дека мора да имате лаптоп со камера, микрофон итн“, нагласува студентскиот лидер на УКИМ.
На него се надоврзува и студентската претставничка на УКЛО, Дона Петрова. Смета дека онлајн полагањето може e алатка за да нема одложување, но, подоцна, вели таа, ќе опадне квалитетот на образованието и ќе влије врз студентите на пазарот на трудот.
„На УКЛО направивме анкета меѓу студентите. Одговорија скоро 900 студенти, што е голем бројка ако се знае дека имаме околу 5.000. Повеќето беа против (за вакво онлајн полагање н.з.). Исто така, Универзитетското студентско собрание едногласно се изјасни против. Можам да се пофалам дека и Ректоратот е против. Охрабрува тоа што и декани, и професори се против! Тоа е голем плус“, изјави Петрова за Радио МОФ.
Студентите сметаат дека во ваква кризна ситуација, високообразовните институции и МОН не треба да дејствуваат панично и со избрзани решенија да се обидуваат да најдат „лек“ за образовниот процес. Затоа, предлагаат универзитетите да не започнуваат со онлајн полагање, а доколку започнале, веднаш да го запрат, сè додека нема гаранции и соодветен механизам за ваква проверка на знаења.
Ефтимов објаснува дека првенствено е подобро студентите да полагаат физички. Односно, да си присуствуваат на факултет и да си полагаат.
„Доколку не се создадат услови во следните 5-6 месеци за физичко присуство, тогаш бараме да се работи на систем со сите засегнати страни – професори, студенти, универзитети, за да се најде начин како да се изведе онлајн. Меѓутоа, тоа да биде алтернатива“, вели тој.
Петрова се надева дека побрзо ќе се реши ситуацијата со коронавирусот, па, во најмала рака, физички да полагаат преку летото.
„Супер ќе биде да може во јуни. Нашата првична замисла беше во јуни да има прв колоквиум, втор колоквиум и испит. Доколку јуни, дај боже биде слободен, да може да се подели целиот месец и секој да одбере. А, потоа септември да има две сесии – една вонредна, една редовна. Тоа е да се надополни априлската сесија што ја пропуштивме“, вели таа.
Ги разбира и оние студенти што се против одложување на полагањето. Односно, некои студенти сакаат летото преку „work & travel“ да одат да работат во Америка или Германија. Но, треба да се земе предвид и дали и кога ќе се отворат границите.
„Доколку во краен случај се одложи за септември, некои декани предложија да се дадат испитни сесии и септември, октомври, ноември и декември. И, да се поместат роковите. Не добивме негативен одговор од Ректорат, многу е рано, меѓутоа никој не рече дека не е можно, туку – се разгледува. Сè во интерес на студентите. Како би се реализирало, засега не можам да ви одговорам, меѓутоа постојан начини. Треба да се направи план. Секоја алтернатива освен онлајн ми изгледа подобра“, нагласува Петрова.
Студентските претставници се надеваат дека високообразовните институции и МОН ќе имаат разбирање за деликатноста на ситуацијата и ќе ги прифатат нивните барања.
„Се соочуваме со криза која не само што ја загрозува нашата моментална ситуација, туку и ќе ја дефинира нашата иднина. Мораме заедно, трезвено, без брзање и со многу напор да работиме на решенија кои ќе бидат соодветни. Решенија кои ќе бидат ефикасни, но и истовремено ќе го гарантираат квалитетот. Квалитетното образование мора да биде императив и основен постулат на сè она што го работиме и тука нема компромиси!“, велат студентите по дискусиите на универзитетските собранија на УКИМ и УКЛО.
За барањата на студентските собранија, пративме прашања до универзитетите во Скопје и Битола и до МОН, но до објавување на текстов не добивме одговори.
Бојан Шашевски