Уметницата и пејачка Катериња одбра свои #ПетАлбумиЗаПоДома.
Катериња неодамна го објави спотот за песната „Trippin“, снимен на локации во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, како најава за нејзиниот краток деби албум во 2020 година. Таа е и (бас) гитаристка и диџејка, a работи и како музички букинг менаџер.
Во продолжение, погледнете #ПетАлбумиЗаПоДома на Катериња, со нејзин осврт кон музичките остварувања:
1.Erykah Badu – Baduizm (1997)
Албумов е основоположник на неосоул правецот и лектира за секој продуцент на поп, хип-хоп, џез, соул и останатите популарни жанрови. Го слушам од време на време веќе 15 години и секогаш ми дава енергија.
(албум за во када)
2.Solange – A Seat At The Table (2016)
На некој начин, ова е за мене Бадуизмот на оваа декада. Соланж ни достави еден сосема свеж звук, комбинирајќи веќе постоечки стилови во нејзин нов стил. Експериментајќи доста со синтисајзери, џез, рап и многу едноставни перкусии создаде некој нов минималистички р’н’б стил, што сепак е длабок како океан. Првиот ден кога го слушнав албумот го преслушав 16 пати и го сонував неколку ноќи :) Најпрво ја слушав само музиката и по неколку слушања почнав да внимавам на текстот и тоа исто беше многу информативно за мене и ме натера многу да размислувам за политичката ситуација опишана со оваа прекрасна поезија.
(за гледање низ прозор и размислување)
3.Avishai Cohen Trio – Gently Disturbed (2008)
Имав 14 години кога го најдов албумов на некој пиратски блог. Не се сеќавам што ме натера да го спуштам, но од моментот кога го пуштив ми се отвори нов свет. Можеби дека во тој момент ништо не знаев за џез музика, па ова ми беше како нешто најневидено, но и ден денес слушајќи го ова се возбудувам како и првиот пат. Посебно песната „Structure in Motion“ е едно од моите омилени дела засекогаш. Играта на контрабас, тапани и пијано е маестрално спроведена низ една генијална композиција и аранжман.
(за медитација и слични духовни истражувања)
4.Jungle – Back To Mine (2019)
Ова е компилација од песни од други автори и изведувачи, курирана од младите легенди Jungle. Серијата „Back To Mine“ постои уште од 1999 и секое издание е курирано од реномирани уметници (пример Faithless, Groove Armada, Tricky, Orbital и сл.). Ова издание го преслушав многу пати и дел од изборот веќе беше во мојата лична збирка. Прекрасен пример е за тоа колку разновидна музика може да се искомбинира на едно место и колку едно чувство води кон друго на волшебен начин кога е добар миксот.
(за танцување пред огледало и копнеж за подиум)
5.Cleo Sol – Rose In The Dark (2020)
Албумов само што излезе пред неколку дена и не можам да му се наситам. Цело време го слушам. Клео Сол е пејачка од Лондон, со српско, шпанско и јамајканско потекло. Целата продукција, аранжмани и нејзиното пеење се на многу софистицирано и едноставно прекрасно ниво. Посебно ритам секцијата и полихармоничното пеење се како лекција по современа музика. Многу инспиративно.
(за пораки со симпатијата)
*сите албуми се супер како придружба на готвење
– – – – – – – – – –
Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски
Петар Антевски
Сара Цветкоска
Мартина Баракоска
Сара Миленковска
Златко Ѓелески
Горан Костовски – Индог
Драган Иванов – Druggy