И покрај противењето на граѓанските здруженија, а во отсуство на пратениците од опозициската СДСМ, со 62 гласа за и еден против, во Собранието беше изгласан Законот за спречување на бременоста.
Пратениците од СДСМ ја напуштија седницата со образложение дека носењето на ваков закон не е во интерес на македонските граѓани.
СДСМ не сака да учествува во самоволието на ВМРО-ДПМНЕ, изјави пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски кој смета дека при со измените власта не води сметка за уставното начело на правото на избор, на почитувањето на човековите слободи и права, а спорно за Спасовски е и носењето на законот по скратена постапка.
Во одбрана на законот се јави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Сузана Анова која на собраниската говорница изјави дека нема никакви ограничувања на правото на жената со законот за прекинување бременост и тој е насочен кон заштита и грижа за женското здравје, јави МИА.
Според Анова, во полза на самите жени е задолжителното советување за можните ризици, бидејќи абортусот како и секоја хируршка процедура е придружен со поголем број компликации, па преку советување од лекарот жената ќе биде информирана за сите несакани последици.
Со неа се согласи и Драгиша Милетиќ од Српската напредна странка кој повтори дека новиот закон помага за едукација на жените кои мора да бидат информирани за своето здравје.
За пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија, единствениот кој гласаше против, со законот жените се третираат како расплодни објекти.
Пред почетокот на собраниската седница за законот за прекинување на бременоста поголем број граѓани и претставници на невладиниот сектор излегоа на протест пред Собранието и побараа негово повлекување и повторија дека сериозно го загрозува правото на слободен избор на жената. Тие најавија дека доколку законот се изгласа, ќе поднесат претставки за негово стопирање до претседателот Ѓорге Иванов и до Уставен суд.