Главната и одговорна уредничка на феминистичката платформа „Медуза“, Калиа Димитрова одбра #ПетАлбумиЗаПоДома, со свој осврт кон музичките остварувања:
Не знам дали и други луѓе го имаат овој проблем, но јас никогаш не знам што да слушам по дома. Затоа не сум баш човекот што треба да препорачува музика, но со оглед на тоа што цело време ги слушам истите албуми, мислам дека за оваа рубрика сум доста соодветна :)
1.Florence + the Machine – High as Hope (2018)
High as hope е последниот студиски албум на овој бенд и како секој верен обожавател, би требало првите албуми повеќе да ми се при срце, но работата не испадна така. Овој албум, кој долго време го чекав, успеа да ни доближи една нова страна на Florence Welch со оглед на тоа што е нејзиниот прв „трезен“ албум, а меѓу другото и најсискрен, отворен и гол. Многу од песните се посветени на потрагата по длабочини кои инспираат внатре во самите нас, во тишина и спокој. High as Hope е албум што ќе го пуштите, ќе седнете на фотеља и цел ќе си го ислушате, без пропратни активности. Ниедно од моите слушања на овој албум не ми поминал без плачење, но повторно и повторно му се враќам, бидејќи секој пат доживувам уникатно емоционално искуство, и без исклучок се чувствувам подобро после ислушувањето. Преслушувајќи го целиот албум се чувствувате како да сте прочитале нечиј дневик (со дозвола) и сте стигнале до некаква бестежинска состојба, до која ве води последната (и мојата омилена) песна на овој албум: No Choir.
2.Aretha Franklin – Aretha Now (1968)
Колку и да не сакам, морам да си признаам дека со оваа легенда се имам запознаено преку филмот „My best friend’s wedding“, кога цела маса прерасположено ја пее I say a little prayer, додека Џулија Робертс од 90-ти превртува очи. Ова ми е албум буквално „за по дома“. Дали за правење караоке пред огледало, готвење, чистење, шминкање, you name it, не постои посреќна околност од тоа да ја слушаш Арета Френклин како пее. Животот по дома дефинитивно ќе ми беше драстично подосаден да не постоела оваа жена.
3.Archi Marchal (King Krule) – A new place 2 drown (2015)
A new place 2 drown е вториот и најнепознат студиски албум на Арчи Маршал (познат по своето изведувачко име Кинг Крул). Факт е дека сум опседната со овој младич и неговата музика откако го открив и особено, особено ми е тешко да издвојам еден албум – сите се кој од кој, плус сè што прави Кинг Крул е различно од тоа што го направил предходно. И самата се чудам зошто го бирам баш овој албум, кој не само што забегува од неговиот стил на музика, туку е и едниствен албум каде тој не е потпишан како Кинг Крул, туку со своето „вистинско“ име – Арчи Маршал. Кинг Крул го гледав во живо два пати, и на двата настапи беше лудница, но немав среќа да слушнам во живо ниту една песна од овој албум, бидејќи никогаш не го изведува во живо. Зошто? Веројатно бидејќи албумов е за слушање ноќе, во зачадена соба, во самотија. Жанровски далеку од другите негови албуми, овој трип-хоп албум вклучува 12 песни со уникатни стихови, а специфичниот вокал на Кинг кој на некој начин доминира на други албуми, овде се губи зад колаж од разно-разни звуци, муабети, исечоци, битови… Секако, најтопло ги препорачувам и албумите: 6 feet beneath the moon, the Ooz и новиот Man alive!.
4.Anderson Paak – Malibu (2016)
Имам неколку „road trip“ албуми, кои логично ја добиле таа титула бидејќи интензивно биле слушани на некое патување со кола. Сите тие албуми ми се многу драги, но го издојувам овој бидејќи ми е најсвеж (лето 2019). Road trip албум нема никаква врска со албум за по дома (баш напротив), но сладок, мултиталентиран музичар знае да направи толку жива и симпатична атмосфера, што може да ме извади и од најлошото расположение (а тоа ми е многу потребно во домашна изолација). Затоа, кога сакам да осетам малку јужен ветер, солена вода, песок и сите пропратни летни клишеа, си го пуштам Малибу. Го препорачувам и Вентура од него, како и неговиот Tiny Desc Concert. Тука, исто така како бонус од мојот фолдер на road trip музика, би ги додала и сите албуми од Jungle.
5.Françoise Hardy – Tous les garçons et les filles (1962)
Tous les garçons et les filles е првиот (и веројатно најпознат?) албум на Françoise Hardy. Немам нешто многу да кажам за оваа прекрасна французинка и овој албум, освен, очигледното: кој не сака да слуша француска музика од 60-ите додека пие кафе сабајле? Сите песни на овој албум ги има напишано и компонирано таа самата. Ако не сте го слушале албумот, тогаш сигурно ја знаете Les temps de l’amour, од легендарната сцена на Moonrise kingodom од Wes Anderson.
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски
Петар Антевски
Сара Цветкоска
Мартина Баракоска
Сара Миленковска
Златко Ѓелески
Горан Костовски – Индог
Драган Иванов – Druggy
Катериња
Милчо Манчевски