#ПетАлбумЗаПоДома на Ивана Маркоска

Дизајнерката и илустраторка, во последната година студентка на пејсажна архитектура, Ивана Маркоска одбра #ПетАлбумиЗаПоДома, со свој осврт кон музичките остварувања:

1.Fires at midnight – Blackmore’s Night (2001)

Многу интереси ми се менувале во текот на животот, но Blackmore’s night е бенд кој ми е останат омилен уште од средно училиште. Првиот пат кога ги слушнав, се заљубив во жанрот и во веселата музика со фолк и ренесансни елементи, и ден-денес се чувствувам исто. Понатаму, во текстовите се пее или за сосема далечни времиња, или за надреални битија: самовили, сирени и слично; а често текстовите ги комбинираат овие два света. Со тоа, тешко ми беше да одберам само еден албум од овој бенд, па се одлучив за Fires at midnight, но веднаш на второ место ми се Shadow of the Moon, Under a Violet Moon и Ghost of a Rose.

2.Heart – Dreamboat Annie (1975)

Dreamboat Annie е првиот албум на Heart. Обожавам женски вокали, особено во вака стари бендови. Сѐ во врска со овој албум ми е убаво, особено фолк елементите и тоа што постои чувство како да тече вода низ целиот албум – најмногу во песната Soul of the Sea. Кога албумот би бил човек, би била млада, безгрижна девојка. Го пуштам за да се чувствувам како да сум на зајдисонце покрај море, албум што секогаш ми дава чувство на мир.

3.Kimya Dawson – Knock Knock Who? (2004)

Најпрекрасно кај Kimya Dawson ми е едноствноста во нејзината музика. Без особени правила, само ноншалантно убавка музика. Детската леснотија на сите нејзини песни, ја доживувам како soundtrack на моите секојдневни активности. И кај неа ми беше тешко да одредам само еден албум, па се решив да го одберам овој, иако веднаш на второ место е и Remember that I love you.

4.Mika – My name is Michael Holbrook (2019)

Мика ми е најомилен популарен пеач. Неговата музика едноставно има боја – шарени, весели песнички кои си имаат самостоен живот. Иако како синглови, обожавам многу од неговите постари песни (Особено Grace Kelly и Origin of Love), сепак како целосен албум, најмногу го сакам токму најновиот. Ова е албум што си го пушташ наутро, за денот да ти почне весело.

5.Телемама и Пиколомини – Краток албум за двајца (2018)

За Телемама дознав релативно доцна, летото 2019, кога заедно со Принцес Донатсу им излезе песната „ЕАСА“. Тогаш се заинтересирав повеќе за Телемама, и сфатив дека е недоволно ценет македонски музичар. Првиот впечаток ми беше: „Леле, каква фраерка!“. „Краток албум за двајца“ ми стана зараза, веднаш откако го слушнав. Звучи интересно, модерно и свежо, и апсолутно го обожавам.

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски
Петар Антевски
Сара Цветкоска
Мартина Баракоска
Сара Миленковска
Златко Ѓелески
Горан Костовски – Индог
Драган Иванов – Druggy
Катериња
Милчо Манчевски
Калиа Димитрова