#ПетАлбумиЗаПоДома на Ерина Богоева

Фотографката Ерина Богоева одбра #ПетАлбумиЗаПоДома.

Богоева е добитничка на минатогодишна награда „13 Ноември” за монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963 ‒ 1990)“.

Ова е нејзиниот музички избор во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома, со свој осврт кон музичките остварувања:

За време на карантинов почнав многу повеќе од порано да се потпирам на музика како извор на позитивна енергија (иако музиката која ја слушам често и не е нешто многу „среќна“). Па така, кога ми кажавте да изберам пет омилени албуми, седев цел ден и само додавав нови имиња, наместо да го стеснувам изборот. На крај сепак се решив за албуми кои се малку и постари, но на кои се навраќам повремено со текот на годините и уште не ме разочарале или не ми здосадиле (без некој посебен ред).

1.Florence and the machine – Ceremonials (2011)

Секој кој ја слушал Florence знае колку е моќна со секој нејзин здив. Сите нејзини албуми ми се на редовен репертоар, но Ceremonials ми е дефинитивно омилен. Песни кои секогаш кога ќе ги чујам ми даваат ново значење и кои неретко ме инспирираат и во мојата работа. Како омилена песна од албумот би ја издвоила Never let me go, која може е и најклише песна на албумот, но мене лично ми е исклучително драга и врзана со убави спомени.

Nirvana – MTV Unplugged in New York (1994)

Во текот на една година, секогаш, без утка, имам еден период кога сакам да ги слушам Nirvana постојано. Некој чуден феномен е, но веќе го имам прифатено. Го избрав Unplugged албумот затоа што некако најубаво ми ја прикаќува сировоста на вокалот на Кобејн и буквално ме смирува секогаш кога го слушам. Гранџ културата и таа убавина беа работи со кои што пораснав и кои што и до ден денес ме инспирираат, па може и затоа не е чудно што уште го негувам култот кон слушање Nirvana. Омилена песна од овој албум мислам дека ми е The man who sold the world, бидејќи многу е тешко да направиш добар кавер на веќе и онака одлична песна.

3.AFI – Sing the sorrow (2003)

Албумов памтам дека го „излижав“ од пуштање во средно и за време на мојата скромна музичка кариера. Потоа може го слушав повремено, но дефинитивно го немав преслушано со години. Пред неколку месеци решив да видам дали е уште толку добар колку што го паметам- излезе дека е! Ова им е шестти албум на AFI но прв каде го спојуваат панкот кој до тогаш го свиреле со малку по мејнстрим панк рок. Певливи песни, но споени со многу моќни ритми и текстови го прават Sing the sorrow класика за мене. Омилена песна од албумот ми е дефинитивно Girl’s not grey на која комотно може и да останам без здив кога ја пеам по дома.

4.Rammstein – Liebe ist fur alle da (2009)

Бидејќи буквално пораснав со нивната музика (до таму што и магистрирав на тема Rammstein) и нивната песна Engel веќе едно десет години ми е рингтон на телефон, знаев дека листава нема да помине без нивни албум. Проблемот само беше да изберам кој. Rammstein се животно, не се бенд. Сирова енергија која се слуша во скоро секоја нивна песна и текстови кои ќе ве натераат да научите германски J Шала на страна, Liebe ist fur alle da може им е и еден од „најмирните“ албуми, но за мене е еден од најпоетичните нивни дела. Омилена песна од албумот ми е Ich tu dir veh и мислам дека нема да дадам причина зошто.  Ако не ви е овој албум по вкус, пробајте го Reise reise или Mutter.

5.Pluto’s Doubts  Сизиф (2017)

Како единствен понов албум на листава го избрав Сизиф на Pluto’s doubts. Дечките ми се најсветлата искра во моменталната музичка сцена кај нас и искрено се надевам дека ќе продолжат со нивното творење. Албумот е проткаен со меланхолични денс мелодии и прекрасни текстови кои можат да се дефинираат само како поезија. Радост ми е кога ги гледам во живо, бидејќи се дури и подобри отколку на снимка. Омилена песна од албумот ми е Хегел+Канти заради одличната лирика и симболика.

Бонус албум: Анастасија – Ноктурнал (1996)

Анастасија се едни од оние домашни бендови кои, ако не постоеле, нашата сцена би била многу сиромашна. Нивното творештво е неспорно, а Ноктурнал е албум кој моите комшии сигурно веќе го знаат на памет (не го пуштам „до даска“ не се секирајте) :)  Прекрасно музичко дело кое се слуша во еден здив.

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски
Петар Антевски
Сара Цветкоска
Мартина Баракоска
Сара Миленковска
Златко Ѓелески
Горан Костовски – Индог
Драган Иванов – Druggy
Катериња
Милчо Манчевски
Калиа Димитрова
Ивана Маркоска
Tōkyō de Ville
Митко Гогов