Граѓаните од Северна Македонија отсега ќе можат на своите смартфон телефони да ја инсталираат мобилната апликација „Стоп Корона!“ која е наменета да помогне на Министерството за здравство за полесна контрола на ширењето на новиот коронавирус и брзо пронаоѓање на заболените од Ковид-19.
Откако апликацијата се активира на телефонот на корисниците, таа комуницира преку „блутут“ со другите корисници на апликацијата и разменува податоци за оддалеченоста на сите уреди кои се во ваша близина, на далечина релевантна за ширење на заразата, определено време во текот на 14 дена.
„Во случај некој корисник на апликацијата да заболи од вирусот, Министерството за здравство, ќе побара корисникот на апликацијата да ја сподели со Министерството листата на неговите записи во апликацијата, по што надлежните ќе ги детектираат телефонските броеви и ќе ги информираат лицата дека биле во контакт со лице кое е носител на COVID-19 , водејќи сметка за целосна заштита на приватноста“, се наведува на интернет страницата stop.koronavirus.gov.mk.
Од Министерството за здравство напоменуваат дека придобивките од користењето на апликацијата се спречување на ланецот на ширење на вирусот, преку брза идентификација на заразените, како и солидарност во борба против коронавирусот.
Во врска со заштита на приватноста, во описот на мобилната апликација се потенцира дека единствен податок кој ќе го чува Министерството за здравство е вашиот мобилен телефонски број, по што при првата регистрација, по случаен избор, се генерира шифра за корисничка идентификација.
„Апликацијата не следи ниту собира податоци за вашето движење и локација. Користи „блутут“ технологија за да го утврди вашето растојание од другите телефони на кои е активна истата апликација. Кога сте блиску до друг телефон со активна апликација, двата телефони користат „блутут“ за да разменуваат шифри (алиаси) од апликацијата. Истите може да ги декриптира само Министерството за здравство и не го открива вашиот идентитет или идентитетот на другата личност“, се напоменува од креаторите на апликацијата.
„Стоп Корона“ е изработена и донирана од „Nextsense“ како поддршка на Министерството за здравство, а апликацијата е изработена во консултации и со поддршка од Министерството за информатичко општество и администрација.
Сите дополнителни детали за мобилната апликација, како и за начинот на регистрација, можете да ги најдете ТУКА.