Маалски концерт на „Pluto’s Doubts“ од сините кули во Аеродром, ќе се пренесува и онлајн

Денеска во 18 часот, кај сините кули во Аеродром ќе се одржи вториот концерт од програмата „Култура во време на Корона’. Музичката група „Pluto’s Doubts“ ќе одржи едночасовен концерт за станарите од околните згради.

Концертот ќе биде стримуван на фејсбук страницата и на официјалниот Youtube канал.

Концертот е дел од проектот „Култура во време на корона“, со кој Град Скопје ќе организира повеќе вакви настани, со цел да им помогне на музичарите кои финансиски се силно погодени од пандемијата на новиот коронавирус.

Град Скопје, заедно со градските културни институции, пред два дена објави Јавен повик за финансирање проекти како дел од кризните мерки „Култура во време на корона“. Идејата на повикот е пред сè да се поддржат невработените уметници, односно оние уметници кои што ги загубиле своите редовни приходи во овој период, но и да се доближи културата до сечиј дом. Заинтересираните уметници може да се пријавуваат ТУКА.

Со овој повик ќе се поддржат  маалски изведби во времетраење до 2 часа, при што техничката опрема ќе биде обезбедена од културните установи на Град Скопје, но и виртуелни изложби, претстави, перформанси, концерти, работилници за деца…

Сите учесници ќе добиваат еднаков солидарен хонорар во нето износ од 14.500 денари. Повикот ќе трае до завршувањето на вонредната ситуација.