Ана Здравкова, илустратор и графички дизајнер, поранешен член на тимот на „Само“ и „Аркона Гејмс“, одбра #ПетАлбумиЗаПоДома, со свој осврт кон музичките остваруања:
1.Grimes – Miss Anthropocene (2020)
Крајот на светот, глобалното затоплување и климатските промени, револуцијата на вештачката интелигенција, редефинирање на боговите, пост-апокалиптичното општествено уредување и видео игрите се главните мотиви во петиот албум на девојката-жанр Грајмс. Соодветни теми за моменталната ситуација, седи си дома и играј игрици, (т)аман! Грајмс отсекогаш ми била фасцинантен уметник, на којашто ни небото не ѝ е граница, бидејќи не припаѓа на еден конкретен жанр. Во еден албум има буквално сè, од амбиентален вајб до кантри гитачиња, па сè до њу-метал, алт рок и арт поп. Од овој албум би ги издвоила Violence, 4ÆM и New Gods како највпечатливи, бидејќи баш во истите се доловува целата филозофија на Miss Anthropocene, персонификацијата на сите мотиви на уништување и преродување. Кога сме на тема Грајмс, тука ќе ги увалам и претходните два албума Art Angels и Visions.
2.Portugal. The Man – The Satanic Satanist (2009)
Ви текнува на оние дечкине со летното хитче Feel It Still? Portugal. The Man? E, тие! Таа песна им беше тој breakthrough на поп сцената. Постарите албуми им се многу потемни и со посериозни теми околу социјалните поделби и проблеми, релациите со пријателите и партнерите, ама сето тоа спакувано во многу пријатни инди мелодии. Се мислев дали да зборувам за In the Mountain in the Cloud албумот поради потребата да излезам од дома или Evil Friends поради тоа што ме потсетуваат на пријателите, ама се решив за The Satanic Satanist од 2009-та. Албумот го доживувам како потсетник за оддржување на рутината којашто моментално ми недостасува во текот на денот. Има време за работа, за сонување, за сакање, за само-рефлектирање, само ние треба да си го дефинираме.
3.Jorge Elbrecht – Gloss Coma – 002 (2019)
Не знам дали да го пцујам или да го пофалам алгоритмот за препораки на Spotify за овој албум. Еден од почудните нешта коишто ги имам најдено во последниов период е Jorge Elbrecht. Константните вресоци во траките, амбиенталните гужви, пренатрупувањето на секакви звуци и сето тоа измешано со synth примероци и ретро елементите премногу асоцираат на тој градски метеж на којшто сум навикната. Траката Perish беше мостот којшто ме натера да го ислушам целиот албум и да останам збунета. Целото звучи како да се возиш во сообраќај, на секој чекор има предупредувања, а при тоа радиото ти е рикнато и имаш многу дисторзирана верзија од She’s a Maniac. Ова е hit-or-miss албум, мене искрено многу ми се допадна, ама на некои ќе им биде цел кластер на сè. Интересна е и појавата на Sky Ferrera во песната The Freezing, која што потсетува на Thriller од Michael Jackson испомешана со исечени сцени хорор филмови од 80-ите.
4.Conformicide – Havok (2017)
Нема подобар начин да ги поништиш кикотењата на комшиските деца! Дали преку слушалки или на звучници тоа оставам на колку ви е добра изолацијата и колку ви се толерантни комшиите. Havok се американски треш-метал бенд со вкупно четири албум и петиот со најавен датум.. Не сум нешто убер внесена во металот, ама понекогаш е многу здраво да се изнаскокате по дома и да го извадите најдобриот air guitar solo перформанс. Само пазете како правите клизачи. Било какво екстремно агресивно откскокнување од нормалата е сосема во ред и плус е предобро ослободување на вишак енергијата. Директната критика кон америчката политика и револтот кон корумпираните медиуми се главните мотиви во овој албум.
5.Suzuki – Tosca (2000)
Ако ве дрма носталгија за оние подобрите денови поминати по дебармаалските кафиќи, топло го препорачувам албумот Suzuki од 1999-та година на австриското дуо Tosca. Ричард Дорфмајстер и Руперт Хубер се сметаат за пионерите на downtempo жанрот, којшто во денешницата прераснува во трип хоп, амбиент, lounge и електроника. Морам да го пофалам Андреја Јовановски aka. DJ Ux од Oubli колективот за предоброто вклопување на мелодијата од истоимената песна од овој албум во неговиот последен микс Deeport MIX023 – Guest Mix By Ux (Oubli / Skopje) којшто може да го слушнете на SoundCloud. Целиот албум ме потсетува на тој пораст на електронска сцена којшто започна пред 2, 2 и пол години и навистина ми дава надеж дека можеме да имаме добра светска електро музика.
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене