Вкупно 73 граѓански организации, мрежи и платформи, заедно со Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, се здружија во реакцијата кон Владата за да ја преиспита и промени одлуката за драстично наналување на финансистката поддршка за граѓанските организации, објавена во Службен весник на 9 април.
„Оваа одлука со која финансиската поддршка, зависно од институцијата, или целосно се укинува или сериозно се намалува, е донесена на нетранспарентен начин, без консултација со граѓанските организации, засегнатите страни и пошироката јавност, што говори за непринципиелниот однос на Владата кон граѓанското општество во ова кризно време. Со одлуката со која се намалуваат приближно 525.000 евра неопходна поддршка, државата де-факто го иззема граѓанското општество како релевантен партнер во справувањето со кризата предизвикана од епидемијата на COVID-19“, реагира граѓанскиот сектор.
Препознавајќи ја итноста на ситуацијата, граѓанските организации велат дека уште од самиот почеток на епидемијата многу брзо и ефикасно се мобилизираа, ги ставија на располагање сите свои ресурси и преку низа активности обезбедија директна и хуманитарна помош за најпогодените граѓани.
„Оваа брза реакција за преземање активности кои се од огромно значење за граѓаните, но и за директно справувањето со кризата, за жал Владата на РСМ не ја препознава како партнерство во борбата со COVID-19. Дотолку повеќе, одлуката за намалување на финансиската поддршка на Владата на РСМ сериозно ја отежнува одржливоста и тековната работа на организациите, особено во однос на нивната помош и поддршка на заедниците во време на криза“, реагираат организациите.
Здружените невладини потенцитаат дека граѓанските организации се клучен сегмент во едно демократско општество, тие имаат вештини, знаење, услуги и пристап до приоритетните целни групи, коишто, велат тие, најчесто се многу посоодветни од оние на државните институции.
„Оваа вонредна состојба, сериозно го погоди и граѓанското општество заедно со сите останати сегменти. Намалувањето на финансиската поддршка го лишува секторот од значаен извор на средства неопходни за функционирање во и вон услови на криза, ја загрозува достапноста на поддршката што организациите ја пружаат на граѓаните и во крајна линија ќе доведе до ситуација во која луѓе од секторот ќе останат без основниот извор на приходи. Граѓанското општество има целосно разбирање за кризната состојба во која се наоѓаме, како и за потребата од солидарност, но во услови кога граѓанските организации работат на санирање на штетите од новонастанатата ситуација, со што помагаат на Владата на РСМ во справувањето со здравствената криза, вакви сериозни намалувања ќе бидат штетни по долгорочната работа на граѓанските организации“, се вели во реакцијата.
Оттука, граѓанскиот сектор ја повикуваат Владата да ја промени својата одлука и преку дијалог и на транспарентен начин да врати дел од средствата за нивната првична намена – поддршка на граѓанските организации за остварувањето на нивните мисии и цели, но, особено, велат организациите, за поддршка на активностите за справување со кризата предизвикана од епидемијата.
Инаку, во одлуката на Владата, стои целосно укинување на средствата од буџетска линија на граѓанските организации (463) во износ од 12 милиони денари. Понатаму, за Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците стои укинување на трансферите кон невладините од 6 милиони денари.
Во делот на Министерство за економија – укинување од 3 милиони денари за поддршка и развој на мали и средни претпријатија, од Министерството за труд и социјала – намалување на програми за деинституционализација и социјални услуги и родова еднаквост од 5 милиони, и Агенција за млади и спорт – намалување на програмата за млади и меѓународна програма од 6,5 милиони денари.
Воедно, стои во реакцијата, скратена е и ставката 463 (трансфери до невладини организации) во Министерството за правда и тоа во износ од 214.000.000 денари.
„Со оглед на тоа што оваа буџетска линија опфаќа и трансфери до други ентитети (како на пример трансфери до политичките партии), нејасно е дали и колкав дел се однесува конкретно на средствата наменети за граѓанските организации“, се вели во реакцијата на граѓанскиот сектор.