Прилепчанец кој сподели фотографија од автобуси кои превезувале македонски државјани пристигнати од странство и биле сместени во карантин во хотел во Битола, и јавно повика на линч кон лицата сместени во хотелот, доби кривична пријава од СВР Битола.
„СВР Битола поднесе кривична пријава против Ј.Ф.(42) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем’“, стои во билтенот на МВР.
Пријавениот ја објавил фотографијата и повикал на линч преку својот профил на Фејсбук, на 28 март.
Заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска неколку дена потоа, на нејзиниот Фејсбук профил објави дека случајот е пријавен и дека по него се постапува, додавајќи дека повикот за линч, насилството и говорот на омраза не смее, и нема да биде толериран, без оглед кон кого е насочен.
Попладнево на социјалната мрежа ФБ беше споделуван пост од лице кое повикува на насилство кон нашите сограѓани кои се…
Posted by Slavjanka Petrovska on Thursday, 2 April 2020
Од Владата, по реакции на дел од жителите на Битола поради македонските државјани кои беа затекнати во странство, а кои се носеа во карантин во градот, апелираа граѓаните да бидат уверени дека сите мерки што се преземени за нивно прифаќање се по највисоки здравствени стандарди.
„Граѓаните сместени во државните карантински објекти не се закана за никого, а објектите ги обезбедуваат полицијата и војската. Ниту еден граѓанин сместен во државен карантин во периодот од 14 дена не смее да ја напушти сопствената соба, ниту објектот, а секој кат од секој сместувачки објект е строго контролиран и обезбеден од војската и полицијата. За секој од нив е направена епидемиолошка анкета и определен е соодветен режим во карантинскиот објект кој е целосно безбеден и строго контролиран и надгледуван. Нема ниту најмал простор за загриженост, а најмалку за паника, обезбедени се највисоки здравствени стандарди и протоколи“, стои во соопштението на владата испратено на 28 март.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.