Пандемијата со коронавирусот беше пречка вчера да се открие клупата на Горан Стефановски и со тоа да се одбележи неговиот роденден, кој е денес.
„Денеска, околу ова време, требаше да се собереме во Дебар Маало за да ја откриеме клупата на Горан (заедно со една мала забава за неговиот роденден, кој е утре). Тоа, како и многу други нешта, не се случи, но се надевам дека во скоро време ќе бидеме заедно за овој и сите културни настани кои толку многу ни фалат овие денови. Бидејќи, што е животот без културата?“, напиша на социјалните мрежи синот на Стефановски, Игор.
Минатата година од Општина Центар соопштија дека во Дебар Маало ќе биде подигнат споменик на драмскиот писател.
Одлуката ја донесе Советот на Општина Центар по иницијатива на Македонската академија на науките и уметностите. Спомен обележјето требаше да биде поставено на триаголниот парк во Дебар Маало, спроти ресторанот „Идадија“.
Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат.
Како одбележување на роденденот на Стефановски, кој почина на 66 годишна возраст, прочитајте неколку од неговите „Конзервирани имресии“ (Табернакул, 2014).
„Веројатно сум сѐ уште многу млад, штом во немите полноќни часови добивам необјасниво силна желба да станам од кревет и да трчам, долго да трчам, низ заспаните, влажни улици.“
„Чекам веќе десет часа, а неа ја нема. Да знам дека ќе дојде, воопшто не би ја чекал.“
„Ако на луѓето им доаѓаме во ненајавени гости додека гледаат низ прозорец и сакаат да се сосема сами, ја доведуваме под прашање нивната рамнотежа. Неа дури сериозно ја нарушуваме ако ги изненадиме кога се сосем приватни, кога, на пример, тајно се лекуваат или се заклучуваат в соба и играат балет.“
„Замрсените состојби нѐ тераат да бараме излез или во обидите да не мислиме на нив, што е болно и најчесто неуспешно, или во обидите да ги претвориме во метафори што е исто често неуспешно, но затоа помалку болно. Една таква метафора би била онаа за водата која сакаме да ја зачуваме в дланка додека беспомошно гледаме како ни се слива низ прсти“.
„По долги месеци, конечно, во дланката држиме целосна рамнотежа, елементи споени во совршена хармонија. Набргу, нешто ситно и непредвидливо, како телефонски разговор, нѐ фрла во нови долги месеци“.