Пентагон официјално објавил три кратки видеа од неидентификувани летачки објекти кои претходно биле објавени од приватна компанија.
Видеата покажуваат неидентификувани летачки објекти кои се движат многу брзо, а се снимени со инфраред камери. На две од видеата се слушаат коментарите на работниците кои се воодушевуваат на брзината со која се движат објектите, a eден од гласовите шпекулира дека можеби се работи за дрон.
Американската Морнарица ја потврдила вистинитоста на видеата во септември, минатата година. Според Су Го, портпаролката на Пентагон, видеата се објавени дури сега, со цел да се расчистат сите погрешни сфаќања и да се докаже дали се реални.
Морнарицата има формални протоколи за тоа како нејзините пилоти можат да известуваат доколку забележат можни неидентификувани летачки објекти.
Видеата биле првично објавени во периодот помеѓу 2017 и 2018 година од страна на Академијата за уметности и наука „До ѕвездите“ која е кофинансирана од страна на поранешниот музичар во бендот „Блинк-182“, Том ДеЛонџ, кој истакнал дека се бави со проучување на информации за неидентификувани објекти.
Во 2017 година, еден од пилотите кој видел неидентификуван летачки објект во 2004, за „CNN“ изјавил дека објектот се движел на необјасниви начини.
„Како што се приближував до него, леталото забрзано се пренасочи кон југ и исчезна за две секунди. Неговите движења беа исклучително нагли, налик на топка за пинг-понг, се движеа по една насока, за да стигнат до определана точка и потоа да ја сменат насоката на движење во спротивен правец“, објаснил сега пензионираниот пилот Дејвид Фрејвор.
Пентагон и порано проучувал снимки од воздушни средни со непознати објекти како дел од веќе затворената програма за неидентификувани објекти, која била отворена од поранешниот сенатор на Невада, Хари Рид. Програмата била отворена во 2007 година, а завршила во 2012 година поради пренасочување на финансиите на поважни програми.
Луиз Елизондо, поранешниот директор на програмата во 2007 година за „CNN“ истакнал дека според неговите верувања, постојат многу уверливи докази дека не сме сами“.
„Овие летала, ние ги викаме летала, поседуваат карактеристики кои САД во моментов не ги поседува, а тие не се забележани ни кај било кој друг странски воен инвентар со кој сме запознаени“, истакнал Елизондо за неидентификуваните летачки објекти. Тој додал дека дал отказ од Одделот за одбрана во 2017 година како протест поради тајноста на програмата и внатрешното барање да се укинат финансиите.
Преку својот „Твитер“ профил, сенаторот Рид соопштил дека му е драго што Пентагон официјално ги објавил видеата, но и дека со нив само се гребе по површината на истражувањата и досегашните достапни материјали.
„САД треба сериозно и научно да го истражи ова и да се предвидат потенцијални импликации по националната безбедност“, напишал Рид.
I’m glad the Pentagon is finally releasing this footage, but it only scratches the surface of research and materials available. The U.S. needs to take a serious, scientific look at this and any potential national security implications. The American people deserve to be informed. https://t.co/1XNduvmP0u
— Senator Harry Reid (@SenatorReid) April 27, 2020
Извор: CNN