Радио МОФ ја објави новата епизода на „Engage Кicks&Gigs@Home“ со Јон Ајди (Yon Idy). 24-годишниот кантавтор од Скопје ги изведува авторските „Gentle“ и „Walking on the line of love“но и „Waste no love“ во дует со својат сестра, но и познатите „Every breath you take“ и „I’m on fire“.
Кога имаше 16 години, Јон ја зеде гитарата, седна пред компјутер и преку интернет почна да учи да свири. Неполна година подоцна, учествуваше на семинар за средношколци во Охрид, каде што направи песна за семинарот и ја испеа на завршната забава. Веројатно, тука сфати дека може да создава песни и дека музиката е неговиот свет. И покрај тоа што е одличен ученик, се истакнува по математика, тој решава да ја батали науката и целосно да се посвети на уметноста, да пишува, да компонира и сам да ги пее своите песни.
Песните му се на англиски јазик. Вели дека причина за тоа е дека на овој начин може да се претстави пред многу поширока публика, пред цел свет. „Waste No Love“ е последната песна што ја објави кантавторот, која може да се смести во жанрот поп и поп-рок. Тој е комплетен автор на песната која е снимена во Студио Подрумот, со продуцентот Ангел Ќосев. Мастерингот го направи Бобан Апостолов – naBBoo.
Неговите две претходни песни „Gentle“ и „Walking the Line of Love“, веќе станаа дел од плеј-листите на радио-станиците низ Балканот, но и во Европа. Деновиве снима паралелно две песни. Едната со продуцентот Ангел Ќосев, а другата со композиторот и продуцент Бобан Апостолов – naBBoo. Неговото вистинско име е Јон Ајдини.
Во време кога поради новиот корнавирус сите седат дома, и македонските музичари во „Engage Кicks&Gigs@Home“ од својот дом ги изведуваат омилените песни. Во веб серијалот гостуваат млади и алтернативни бендови и музичари од земјава, а целта ни е да ја поддржиме и промовираме локалната сцена, како и да ја запознаме публиката со домашните музичари од еден поинаков агол.