Осуда за онлјн заканите кои беа упатени кон новинарот Мишко Иванов на социјалната мрежа Фејсбук и брза институционална реакција побараа Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Од ЗНМ појаснуваат дека вчеравечер, веднаш по завршувањето на интервјуата со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев, извесен Бобан Петровски испратил порака полна со говор на омраза и закани до новинарот на ТВ24. Откако Иванов ја објави пораката на својот профил на Фејсбук, новинарките Анета Додевска и Наташа Стојановска исто така посочија дека во последно време и тие биле мета на напади, односно и до нив биле испратени пораки со слични содржини.
„Го повикуваме Министерството за внатрешни работи итно да отвори истрага за овие закани кон колегите и да поднесе пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на заканувачите. Заканите и говорот на омраза не спаѓаат во доменот на слобода на говорот и може да предизвикаат сериозни последици и самоцензура кај новинарите. Единствено преку строга санкција на ваквите закани од страна на институциите ќе може да се спречат идни напади и закани кон новинарите. Државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и казнување на насилството врз новинарите, бидејќи тоа е основен предуслов за подобрување на состојбата со слободата на говорот. Затоа, инсистираме МВР и ОЈО веднаш да изнајдат начин за ефикасно истражување на ваквите закани“, порачуваат од ЗНМ.
Од ССНМ апелираат до сите новинари и медиумски работници ваквите напади, закани, онлајн малтретирање и слично да ги пријавуваат до органите на прогонот и соодветните институции, иако констатираат дека МВР не ги сфаќа сериозно.
„Институциите треба постојано да реагираат и да ги санкционираат ваквите појави бидејќи решавањето на случајот со нападите врз две новинарки од страна на Емил Јакимовски не смее да остане единствен. Во таа смисла, ССНМ ги повикува сите новинари и медиумски работници, да ги пријавуваат заканите и нападите во Синдикатот, преку пораки на Фејсбук страната или на електронската пошта ssnm.info@gmail.com . ССНМ ќе го документира секој случај и ќе преземе соодветни мерки, инсистирајќи до соодветните институции да ги преземат мерките што им стојат на располагање и истовремено информирајќи ги меѓународните институции за состојбата со нападите врз новинарите“, додаваат од ССНМ.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.