Експерти за детско ментално здравје бараат од британската влада да даде приоритет на детската игра и социјализацијата со пријателите, наместо формалните лекции и академскиот напредок кога Англија повторно ќе ги отвори училиштата со намалување на заштитните мерки поради коронавирусот.
Тие велат дека се „екстремно загрижени“ за влијанието на карантинот, долг повеќе од шест недели, на менталното здравје на децата. Тие ги повикуваат министрите да обезбедат дека играта ќе биде на врвот на дозволените активности, пренесува Гардијан.
Тие истовремено повикуваат на децата да им биде дозволена игра со нивните врсници, без социјално дистанцирање, кога тоа ќе биде безбедно.
„Враќањето во училиштата по долг период дома ќе биде предизвик за голем број деца. Особено ќе биде предизвик доколку од нив се очекува одржување на дистанца од 2 метри од нивните пријатели. Ние бараме, кога тоа ќе биде безбедно, мерките да се олабават така што би се дозволила игра со нивните врсници без социјална дистанца. Тоа би значело дека блиска игра би била дозволена само во парови или мали групи или во социјални меури кои ќе овозможуваат постојано мешање на мала група деца“, вели Хелен Дод, професорка за детска психологија од Универзитетот од Ридинг.
Експерти, кои специјализирале на детско ментално здравје и развој, предупредуваат дека децата ќе патат од осаменост и изолација по мерките да бидат во своите домови. Додека министрите ќе гледаат образованието да продолжи и да се надополни изгубеното, група експерти кои претставуваат пет британски универзитети, меѓу нив и Кембриџ и Сусекс, велат дека играта ќе биде клучна за намалување на стресот и вознемиреноста меѓу децата.
„Во ова време, емоционалното здравје на многу деца ќе биде нарушено поради осаменоста и изолацијата. Како експерти ние бараме од владата да стави приоритет на детската социјална и емоционална благосостојба при сите одлуки кои ќе се носат во олабавување на рестрикциите и повторно отворање на училиштата“, стои во отвореното писмо испратено до министерот за образование.
„Се надеваме дека политичките одлуки кои ќе се донесат во следните недели и месеци ќе водат сметка за емоционалното здравје на децата. Лошото емоционално здравје кај децата води до долгорочни проблеми со менталното здравје, полоша вклученост во образованието и има економски товар“, додаваат експертите.