„Твитер“ воведе нова опција за вработените – тие можат да одлучат колку долго сакаат да работат од дома. Ова е само една од мерките на компанијата која гледа кон иднината по пандемијата од коронавирусот.
Оваа одлука била донесена откако гигантот истакнал дека работењето од дома се покажало како голем успех.
Но, вработените, по свој избор можат и да се вратат во канцелариите.
Претходно месецов, „Гугл“ и „Фејсбук“ истакнаа дека нивните вработени можат да работат од дома до крајот на оваа година.
„Изминатите неколку месеци покажаа дека работењето од дома е успешно. Па така, доколку нашите вработени се наоѓаат во ситуација која овозможува да работат од дома, па макар и засекогаш, ние ќе го овозможиме тоа“, соопштил „Твитер“.
Ова соопштение е опишано како „момент кој ја дефинирал ерата“ од страна на Сри Сринивасан, вонреден професор по дигитални иновации на Универзитетот „Стони Брук“.
„Некои луѓе може ова нема да го сфатат сериозно, но сите можеме многу да научиме од флексибилноста на работните места во Силициумската долина. Постои размислување дека работата од дома е кражба, па работењето лице во лице беше поважно. Но луѓето докажуваат дека можат да бидат многу попродуктивни и побрзо да ги завршуваат задачите работејќи од дома. Многу луѓе ми кажуваат дека од дома работат уште повеќе и се изморени“, додал тој.
Во соопштението на „Твитер“ стоело дека оние кои сакаат да се вратат во канцелариите на компанијата ќе бидат добредојдени, со тоа што ќе треба да следат мерки за претпазливост. Компанијата со седиште во Сан Франциско брои повеќе од 4,000 вработени низ канцелариите ширум светот.
Компаниите на глобално ниво размислуваат како повторно да ги отворат своите канцеларии и да воведат нови мерки за физичко дистанцирање.
Извор: BBC
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.