Алгоритмите за препораки ја ставија апликацијата „Тик Ток“ во центарот на светското внимание. Но, механизмите кои се во основата на хипер-персонализираната содржина на тајмлајнот, „скроена“ индивидуално за секој корисник, го привлече вниманието на застапниците за правата на децата и дигиталната приватност. Не на добар начин.
Неделава, коалиција од 20 организации кои застапуваат детски, кориснички и права за дигитална приватност, поднесоа жалба заедно со Федералната комисија за трговија, за да побараат истрага за начинот на собирање на податоци на „Тик Ток“ и практиките за приватност кај малолетници.
Две организации од коалицијата, односно Центарот за дигитална демократија и Друштвото за детство без продажба, преку свое соопштение изјавиле дека „Тик Ток“ продолжува да го крши Законот за заштита на приватноста на децата на интернет, дури и откако плати казна од 5,7 милиони долари како спогодба кон „претходникот“ на компанијата „Мусика.лу“.
Според законот, онлајн сервисите треба да добијат родителска согласност пред да почнат да ги собираат податоците на корисниците под 13 години. Во 2019 година, „Тик Ток“ се согласи да ги уништи сите лични информации кои апликацијата ги собрала и да бара родителска согласност за сите наредни профили.
Во истиот период, „Тик Ток“ вовела „профили за помали корисници“ со дополнителни протоколи за безбедност и приватност на корисниците под 13 години, а во април, апликацијата додала и опција за „фамилијарна вмреженост“ која дозволувала родителот да го ограничи функционирањето на апликацијата за детето.
Меѓутоа, коалицијата од 20 организации смета дека „Тик Ток“ не се грижи доволно за целосно исполнување на условите кои ги бара законот.
Апликацијата не само што продолжила да објавува видеа од малолетници, снимени уште пред договорот од 2019, туку и „поттикнала“ малолетните корисници да ја фалсификуваат својата возраст и да ги заобиколат ограничените профили за 13 години, организациите истакнале во жалбата.
„За овие профили, „Тик Ток“ собира детални информации како детето ја користи апликацијата и користи вештачка интелигенција за да одлучи каква следна содржина да му понуди, со што го задржува вниманието на детето колку што е можно повеќе“, пишува во соопштението.
Според политиката за приватност на апликацијата, моментално таа собира податоци како локацијата, време поминато на апликацијата, начини на користење и видови на видео содржини.
„Ние ја сфаќаме приватноста на децата многу сериозно и сме посветени во осигурување дека „Тик Ток“ е безбедна и забавна заедница за нашите корисници“, изјавил портпарол на „Тик Ток“ за „Mashable“.
Извор: Mashable
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.