Над 500 илјади вработени во јавниот и производствениот сектор во Турција започнаа генерален штрајк против владата во знак на протест против активностите на полицијата при задушувањето на протестите за паркот Гези.
Штрајкот кој ќе трае во текот на целиот ден го свикаа двата најголеми синдикати на Турција, а му се придружија и голем број синдикални организации.
Плоштадот Таксим и паркот Гези во Истанбул се под целосна опсада на полицијата и не се дозволени ниту луѓе, ниту возила, јавија светските медиуми.
Турскиот министер за внатрешни работи, Муамер Ѓулер изјави дека дел од полицијата ќе продолжи да учествуваат во задушувањето на антивладините демонстрации, а посочи и дека штрајкот е незаконски.
Синоќа исто така имаше судири меѓу неколку групи демонстранти и полицијата во населбите околу Таксим. Притворени се над 350 лица, јавија надлежните. Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган на големиот митинг пред своите приврзаници во Истанбул вчера изјави дека била негова должност да го расчисти плоштадот Таксим, и да го елиминира последниот бастион на демонстрантите кои бараат негова оставка.
Од Здружението „Солидарност за Таксим” најавија дека и денеска ќе продолжат антивладините протести кои ќе траат се додека полицијата не ги запре нападите против нив.
„Вчера рекоа дека Ердоган го расчистил паркот и сега секој кој престојува во Истанбул може да отиде таму. Самo како што гледате во паркот нема луѓе. Тој едноставно лаже”, коментираат демонстрантите.
„Во понеделник нашите членови нема ќе одат на работа, за да ја искажат својата волја против насилствата. Нема да работи ништо освен итната помош”,изјави Оздемир Актот, претставник на синдикатот на докторите.