Еден од замениците студентски правобранители на факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ преку Фејсбук нуди потврди за завршени пракси, тврдат студенти за Радио МОФ.
На една од заедничките затворени групи на студентите од Економскиот факултет на Фејсбук, стои овој оглас на ѕидот – „Продавам пракси – инфо во инбокс“.
Повикот е оставен од профилот на Димитар Димитровски, кој истовремено ја врши функцијата Студентски правобранител на Економскиот факултет во Скопје.
Бидејќи броевите на замениците студентски правобранители се тајна и сè уште се чека да бидат објавени на огласните табли на факултетите, Радио МОФ преку мејл успеа да го добие Димитровски, кој изјави дека ваквите тврдења на студентите се шпекулации.
„Одговорно тврдам дека таа информација не е точна“, кратко ни одговори Димитровски.
Засега немаме информации дали и колку потврди за студентски пракси се продадени.
Студентската пракса од пред неколку години е задолжителна за студентите и тие најмалку 30 дена треба да посетуваат практична настава. Во текот на реализацијата на практичната настава, студентот треба да е под надзор на ментор од високообразовна установа, кој одговара за успешно реализирање на практична настава. Според правилникот за начинот и условите за организирање на практична настава на Министерството за образование и наука, високообразовната установа пред почетокот на практичната настава на студентот, го известува и му издава документ – потврда за неговото упатување до организацијата – установата каде ќе се реализира истата.
К.О.