Писателката Фросина Пармаковска одбра #ПетАлбумиЗаПоДома.
Пармаковска има дипломирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност, а магистрирала на Културолошките студии при Институтот за македонска литература, тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“.
Има објавувано раскази во книжевни списанија. Во 2013 година го објави романот „Пишувајќи ги изгубените топки“ (Култура). „Вишнова хроника“ (Или Или, 2014) е нејзин втор роман, а за третиот „Одбројување” (Или Или, 2017) ја доби наградата „Роман на годината“.
Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Пармаковска, со нејзин осврт кон музичките остварувања:
Не само овој албум туку цела дискографија од Дорс за мене значи многу: значи детство, растење, преубави времиња кога ни беше потребно многу малку за да бидеме среќни, соба два на два, цд плеер со цд што не скока (секако, со опција и за касета), муабети за смислата на животот (се смеам додека го пишувам ова), многу мечтаење, поезија и слобода.
2.Iron Maiden – Iron Maiden (1980)
Со Мејден ме зарази брат ми (и со многу повеќе за што сум му искрено благодарна) и ми станаа еден од оние бендови за цел живот, повторно, со цела нивна дискографија. Имав среќа и два пати да ги видам на концерти кои, типично за нив, беа полни со емоција, енергични накај акробатски (со сите изненадувања на Брус Дикинсон на сцената) и, просто, незаборавни. И овој бенд ме враќа во времето кога во СФ влезот чинеше шеесет денари со голема лименка пиво, излегувањата во Парк и на Црква, на еден куп убави пријателства кои, иако се распрснати низ времето и просторот, сепак, се силно живи во форма на преубави слики во мојата меморија. Тогаш, многу од дружбите силно се врзуваа со музиката…
Вистинска хипноза! Музика која ме седнуваше на големата удобна фотелја, ми ги отвораше очите кон една друга реалност, исклучувајќи ме истовремено од оваа. И тоа како да траеше со часови, со денови и со месеци. На овој албум го напишав мојот втор роман „Вишнова хроника“ и, буквално, музиката е присутна во позадината на секоја мисла, на секоја страница, во чукањето на срцето на главниот лик и на целиот свет со кој тој се соочува, во чукањето на моето срце и мојот свет во кој можев да одлутам.
4.Broken flowers – Soundtrack (2005)
Овој е еден од оние албуми кои, без некоја посебна причина, ме креваат, ме тераат да играм, да се смеам и да го сакам денот и животот. Без спомени, без никакви асоцијации или навраќања – чиста радост и еуфорија.
5.Djivan Gasparyan & Ensemble – Armenian Fantasies (2000)
Љубов на прв слух. Секогаш кога го слушам овој албум се качувам во воз и гледам низ прозорецот обратно, работите ми заминуваат, се оддалечуваат. Ме гали носталгија која што не е конкретна и не е насочена, како возот да е животот, а сликите што се оддалечуваат неговите времиња кои се испуштаат како песок од дланката. Осаменост која што значи и тага, но и насмевка и благодарност кон Бога.
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.
Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски