Постапката за избор на ректор на УКИМ поттикна реакции и несогласувања меѓу Јанкуловски и тројца проректори

Започнатата постапка за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје за мандатниот период 2020-2023 е во целосна согласност со актуелниот Закон за високо образование. Согласно овој Закон, изборот на ректор не го врши Сенатот на УКИМ, туку членовите на наставно-научните совети на сите единици на УКИМ, реагира ректорот Никола Јанкуловски, откако веќе Независниот академски синдикат (НАкС) соопшти дека Јанкуловски брза за избори во услови на вонредна состојба и побара итно да се сопре постапката за избор на ректор во ваква ситуација.

Никола Јанкуловски

Според Јанкуловски, одредени портали ги пренеле, како што вели, субјективните и невистините видувања на изолиран број на припадници на академската заедница на УКИМ.

Постапката за избор на ректор, додава тој, ќе биде спроведена согласно споменатиот Закон, Статутот на УКИМ и роковникот ќе се спроведува согласно превентивните мерки на Владата за справување со состојбите предизвикани од последиците од ковид-19.

„Членот 5 од цитираната Уредба со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба, се однесува за продолжување на мандатот на органите на Универзитетот и единиците, каде тој е истечен за време на вонредната состојба и се продолжува само за времетраењето на вонредната состојба, што не е случај со мандатот на ректорот, така што имајќи ги предвид мерките на Владата за одржување седници, состаноци и сл., постапката за избор на ректор треба да продолжи”, соопштува Јанкуловски.

Тој нагласува дека УКИМ веќе трет месец ја прилагодува својата работа согласно споменатата Уредба и согласно сите превентивни мерки и протоколи.

„Моја должност и обврска како ректор на Универзитетот е да ја продолжам започнатата законска постапка за избор на ректор и да ја спроведам во најдемократска и отворена постапка за што сведочат и веќе закажаните седници на органите на Универзитетот кои имаат должност и обврска да ја спроведат оваа постапка, за жал и во овие вонредни корона состојби. Напротив, непродолжувањето на веќе започната постапка за избор на ректор на Универзитетот значи директна повреда и непочитување на Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот. Мандатот на ректорот на УКИМ не е истечен, оваа законска процедура не е никаков лов во матно, туку само станува збор за спроведување на законска постапка која ќе продолжи да се спроведува на фер и транспарентен начин, со почитување на сите мерки и протоколи за заштита на здравјето и животот на сите членови на академската заедница”, додава Јанкуловски.

На ова, пак, до јавноста регираа тројца проректори – прозивајќи го Јанкуловски, јасно и недвосмислено, точно и прецизно, конечно да одговори по кој член и по кој закон тој се’ уште претседава со Сенатот на Универзитетот.

Вујица Живковиќ, проректор за настава, Владимир Петрушевски, проректор за наука и Гордана Јосифова Неделковска, проректор за меѓународна соработка, во заедничкото соопштение тврдат дека ректорот Јанкуловски со невидена леснотија го интерпретира и Законот и укажувањата на академската заедница.

Од лево кон десно: Владимир Петрушевски, Вујица Живковиќ, Гордана Јосифова Неделковска

„Во ниту еден момент, а за тоа нема ниту причина, намерата на нашите писма не била ништо друго, туку само заштита на законитоста и угледот на Универзитетот. Напротив, вашите деманти и неосновани напади во континуитет, ние ги доживуваме како напад не само на нашата личност, углед и интелигенција, туку и напад и потценување на интелигенцијата на целата академска заедница. Во вашиот ‘демант’ вие објаснувате за пошироката јавност дека Сенатот нема никаква врска со изборот на ректор, туку дека гласа академската заедница. Но притоа, намерно пропуштате да ја кажете суштината на проблемот, а таа е следната: точно е дека Сенатот не врши избор на ректор, но кажете дека Сенатот врши избор на комисијата за спроведување на избори, која согласно Законот ги спроведува изборите и е единствена надлежна за утврдување на правилата за избор, а како крајна инстанца и за решавање на евентуалните жалби и сл“, стои во реакцијата на проректорите.

Според нив, тоа значи дека изборите се во комплетна надлежност на Универзитетската изборна комисија.

„Неспроведувајќи го Законот за високото образование (Службен весник на РМ, бр. 82 од 8.05.2018; членовите 161, 162 и 167) и Статутот на Универзитетот (Универзитетски гласник, бр. 425 од 28 јуни 2019; членовите 151 и 212), вие свесно не сакате да изберете претседател на Сенатот. Согласно горенаведените членови, вие не смеете да бидете член на Сенатот, да закажувате седници на Сенатот, да претседавате со Сенатот, да гласате и да ги потпишувате одлуките. Грубо кршејќи го Законот, од неговото донесување на 8 мај 2018 година, вие свесно и намерно правите противправни дејства на Универзитетот, со тоа што не избирате претседател на Сенатот. Во контекст на прашањето на избор на ректор и спроведување на постапката, не само од законски, туку и од етички причини, недопустливо е вие повторно да се ставите во улога на претседател на Сенатот и да изберете Универзитетска изборна комисија, лично и да ја потпишете одлуката и да дадете мандат да ги состави правилата за избор и да го спроведе изборот, и притоа исто така вие да бидете кандидат за ректор“, се вели во реакцијата на проректорите.