Македонските здруженија кои работат на подобрување на правата на ЛГБТИ луѓето во Македонија негираат дека се планира одржување на геј парада во Скопје. Оттаму велат дека немаат поднесено никакво барање за ваков собир, ниту пак знаат кој би можел да ја организира.
Од коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и од ЛГБТИ Центарот за Радио МОФ потврдија дека никој не ги информирал за ваков настан. Оттаму посочуваат и дека засега нема планови за одржување на „Парада на гордоста“ во Скопје и во Македонија.
И од здружението „ЛГБТ Јунајтед“ кои уште пред една година најавија дека сакаат да организираат ваква парада во Скопје, немаат никакви информации за нејзино одржување во јуни.
„Не е точно, нема ништо официјално побарано. Во јуни нема геј парада. Не знаеме од каде излезе оваа вест, “ тврдат за Радио МОФ од здружението „ЛГБТ Јунајтед“.
Претходно утрово повеќе интернет-портали објавија дека оваа седмица се планира одржување на геј парада во Скопје. Во написите, стои дека Скопје ќе биде центарот на низа случувања.
Како што информира Славчо Димитров од Коалицијата, во периодот од 22 до 27 јуни е планирано одржување на „Недела на гордоста“, на која со низа настани, дебати и филмски проекции ќе се отворат прашањата за дискриминацијата, говорот на омраза и стигмата кон лицата кои живеат со ХИВ.